Velimir Saveski. Foto: HERA
Velimir Saveski. Foto: HERA

ИНТЕРВЈУ | „Многумина не знаат дека ги имаат", инфектологот Велимир Савески за случаите со сексуално преносливи болести во Македонија

„Немаме време", предупредува специјалистот по инфектологија Велимир Савески, зашто бројот на луѓе заразени со ХИВ во Северна Македонија брзо расте. Земјава официјално сè уште важи за земја со ниска стапка на ХИВ, но дури 32 отсто од сите регистрирани случаи од 1987 година наваму отпаѓаат на последните пет години.

Според податоците на Институтот за јавно здравје за август годинава, во групата на сексуално и крвно преносливи инфекции, без ХИВ/СИДА, се регистрирани 10 заболени лица, односно пет случаи на гонореја, три случаи на хламидија и два случаи на вирусен хепатит Б. Во текот на истиот месец се пријавени и пет нови случаи на ХИВ/СИДА. Според Савески, толкувањето на овие бројки мора да биде внимателно, бидejќи само пет пријавени случаи на гонореја не значат нужно дека во целата држава имало само пет инфекции. Кај сексуално преносливите инфекции постои недоволно тестирање и нецелосно откривање и пријавување, а во амбулантите се гледаат сè повеќе млади пациенти.

Во разговор за Mollëkuqja, тој објаснува зошто многу инфекции минуваат без симптоми, кога треба да се направи тестирање и зошто негативниот резултат не секогаш ja исклучува инфекцијата, а говори и за последиците од доцната дијагноза кај ХИВ, сифилисот, гонорејата и хламидијата.

Тој ги отвора и прашањата за стигмата и пристапот до тестирање, особено надвор од Скопje, и бара повеќе сексуална едукација, превенција и нормализирање на тестирањето за ХИВ и сексуално преносливи болести.

Кои сексуално преносливи инфекции најчесто се среќаваат и кои возрасни групи се најзасегнати?

Познато е дека повеќе од 30 различни бактерии, вируси и паразити се пренесуваат преку сексуален однос, вклучувајќи вагинален, анален и орален секс. Некои сексуално преносливи инфекции (СПИ) може да се пренесат и од мајка на дете за време на бременоста, породувањето и доењето.

Осум СПИ се најчести на светско ниво. Четири се моментално излечиви: сифилис, гонореја, кламидија и трихомонијаза. Останатите 4 се вирусни инфекции: хепатитис Б, херпес симплекс вирус (ХСВ), ХИВ и хуман папиломавирус (ХПВ).

Сите сексуално преносливи инфекции ги среќаваме во секојдневната пракса. Секако, најзасегната популација е сексуално активната популација.

Според податоците за Институтот за Јавно Здравје (ИЈЗ) за август 2026 година во групата на сексуално и крвно преносливи инфекции (без ХИВ/СИДА) регистрирани се 10 заболени лица, односно пријавени се 5 случаи на гонореја, 3 случаи на хламидија и 2 случаи на вирусен хепатит Б. Во текот на месец август, пријавени се 5 нови случаи на ХИВ/СИДА. Најасни податоци за возраста имаме за ХИВ.

Според кумулативни податоци за ХИВ/СИДА во Македонија (заклучно со 27.11.2025 година) просечната возраст на регистрирани случаи кога била поставена дијагнозата е 34 години. Дистрибуцијата по возраст укажува дека најзафатени се сексуално активни лица на возраст од 20-39 (3/4 од дијагностицираните случаи).

Толувањето на податоците мора да е внимателно, од причина што само пет пријавени случаи на гонореја не значат нужно дека во целата држава имало само пет инфекции. Кај СПИ постои недоволно тестирање и непотполно откривање и пријавување.

Европскиот центар за превенција и контрола за болестите (ECDC) во проценката на македонскиот систем за надзор има дадено препорака за анализа на оваа состојба и зајакнување на системот. Во амбулантите гледаме се повеќе млади пациенти со одредена СПИ.

Зошто многу луѓе немаат симптоми и кога треба да се тестираат?

Секој ден, на светско ниво кај лицата на возраст од 15 до 49 години се јавуваат повеќе од 1 милион сексуално преносливи инфекции (СПИ) што можат да се излекуваат, од кои повеќето се асимптоматски.

Во 2020 година, имало 374 милиони нови инфекции кај лицата на возраст од 15 до 49 години со една од четирите сексуално преносливи инфекции што можат да се излекуваат: кламидија, гонореја, сифилис и трихомонијаза. Сексуално преносливите инфекции често се асимптоматски.

Кога се појавуваат симптоми, тие можат да бидат неспецифични и да не укажуваат за која инфекција станува збор, па затоа се користат одредени дијагностички тестови, но исто така некогаш клиничката слика на одредена инфекција е толку јасна, што веднаш се пристапува кон лекување и третман. Секој кој што е сексуално активен треба да се тестира.

Различни се препораките кај бремени жени, лицата кои живеат со ХИВ, но би потенцирал пациентите да не прават тестови на своја рака бидејќи негативниот тест не секогаш ја исклучува инфекцијата/ болеста, односно негативен резултат, не секогаш значи немање инфекција постоењето на т.н „периодот на прозорец“, па толкувањето на резултат треба да биде од обучено медицинско лице.

Колкав проблем е доцното дијагностицирање и што може да се случи ако сексуално преносливите инфекции не се лекуваат?

Зависи за која инфекција станува збор. Доцното откривање е најголемиот проблем, особено кај ХИВ инфекцијата.

Кај ХИВ, раната дијагноза е особено значајна, затоа што се овозможува навремено откривање и лекување со современата антиретровирусна терапија, со што инфекцијата се става под контрола и се спречува понатамошно ширење на ХИВ.

Генерално СПИ имаат сериозен ефект на сексуалното и репродуктивното здравје, но и да имаат сериозни последици надвор од непосредното влијание на самата инфекција, на пример инфекциите со херпес, гонореја и сифилис можат да го зголемат ризикот од стекнување ХИВ.

Преносот на СПИ од мајка на дете може да резултира со мртвороденост, неонатална смрт, ниска родилна тежина и предвремено породување, сепса, неонатален конјунктивитис и вродени деформитети.

Во 2022 година, на светско ниво нотирани се 1,1 милион смртни случаи поврзани со хепатитис Б, главно од цироза и хепатоцелуларен карцином.

Нелекуваните хламидија и гонореја, на пример, кај жените можат да предизвикаат пелвична инфламаторна болест, неплодност и ектопична бременост, кај мажите можат да предизвикаат воспаление на епидидимисот. Нелекуваниот сифилис со текот на времето може да го оштети нервниот и кардиоваскуларниот систем.

Секако последица е инфертилитетот. Во Република Северна Македонија се раѓаат сѐ помалку деца, а сѐ повеќе луѓе се соочуваат со проблеми со инфертилитет.

Дали случаите на ХИВ и сифилис значат дека реално расте преносот или повеќе тестираме?

Потребна е темелна анализа. Бројот на дијагностицирани случаи е резултат и на реалното ширење на инфекцијата, но и на тоа колку активно бараме, тестираме и пријавуваме случаи.

Кај сифилисот тоа е особено јасно. Факт е дека повеќе се пријавува, што не значи дека не бил дијагностициран и лекуван претходно.

Северна Македонија и понатаму се класифицира како земја со ниска преваленца на ХИВ, но ИЈЗ укажува на долгорочен нагорен тренд: 32% од сите регистрирани ХИВ/СИДА случаи од 1987 до крајот на ноември 2025 година се регистрирани во последните пет години.

Сифилисот најчесто останува непрепознаен поради широкиот спектар на клиничка манифестација, а кај ХИВ треба да се работи повеќе на бариерите, стигмата и дискриминацијата, недовербата во системот, што ги оттргнува луѓето од тестирање.

Секој што е сексуално активен, треба да се тестира.

Каде може да се тестираат граѓаните и што да направат ако се сомневаат дека се заразени?

Да појдат на лекар. Доколку постојат тегоби, или ризик од некоја СПИ, вкучително и ХИВ, потребно е да не се зема антибиотик на своја рака и третирање со креми, гелови на своја рака.

Постои советувалиштето за ХИВ на Клиниката за инфективни болести, како и услугите од дерматовенеролозите.

Покрај јавниот здравствен систем, тука се и ХЕРА, Заедно посилни, ЕГАЛ. Услугите се бесплатни и доверливи, анонимни.

Би ја потенцирал важноста од превенција, користење на кондом при секој сексуален однос, но и користење на пред експозициска профиласка за ХИВ (ПрЕП).

Поголема свеснот за ХИВ и СПИ, поголема превенција.

Дали институциите прават доволно за информирање и подигнување на свеста?

Секогаш може и мора повеќе и подобро!

До сега е направено многу, но ситацијата со СПИ и ХИВ се уште е загрижувачка. Да, постојат програми и услуги, но има простор за значително подобрување на опфатот, континуитетот и достапноста.

Значителен дел од луѓето што живеат со ХИВ сè уште не го знаат својот статус. Кај младите постои недоволна информираност за сексуалното и репродуктивното здравје.

Потребна е континуирана здравствена едукација за ХИВ и СПИ на сите нивоа од здравствениот сектор, нормализирање на тестирањето, поголема достапност на истото надвор од Скопје, подобро пријавување на СПИ и намалување на стигмата.

Тестирањето за СПИ и ХИВ треба да се доживува како нормален дел од грижата за сопственото здравје, а сексуалното образование како итност и една од најдобите превентивни мерки и најисплатливи на долг рок.

Време немаме. Интитуциите мора силно да застанат позади сеопфатното сексуално образование и да се зајакне борбата против дезинформациите.

Каде можете да се тестирате?

Раното тестирање останува најсигурниот начин да го заштитите своето здравје и здравјето на вашите партнери.

Центри за јавно здравје
Центрите за јавно здравје во различни градови низ земјата, вклучувајќи ги Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Кочани и Тетово, нудат доброволно тестирање за ХИВ, во повеќето случаи бесплатно и анонимно. За информации и упатување до најблискиот центар до вашето место на живеење, можете да контактирате со Институтот за јавно здравје.

ХЕРА, Младински центар „Сакам да знам"
Бесплатно и доверливо тестирање за ХИВ и други сексуално преносливи инфекции, со можност за закажување и онлајн. Физичката услуга се наоѓа во Скопје, на Водно.

Центар за ХИВ, „Заедно посилни"
Бесплатно тестирање секој работен ден, без претходно закажување. Единствената самоорганизирана група на лица кои живеат со ХИВ во земјата, со советување од врсници.

  • 7:30 до 13:00, секој работен ден
  • zp.mk

Раното откривање може да ви го спаси животот. Доколку сте имале ризичен контакт или едноставно сакате душевен мир, не двоумете се да се тестирате. Тоа е бесплатно, брзо и во повеќето случаи, анонимно.

Општи препораки за превенција од сексуално преносливи инфекции

За да се намали ризикот од овие инфекции, се препорачува користење на кондом при сексуални односи и редовно тестирање, особено кај лицата со нови партнери или повеќе сексуални партнери, како и кај оние кои се сомневаат дека биле изложени на инфекција.

Доколку се појават симптоми како необичен исцедок, печење при мокрење, болка во гениталната област или промени на кожата или слузниците, важно е да го посетите лекарот што е можно поскоро. Антибиотиците и другите лекови не треба да се земаат без препорака од лекар.

Вакцинацијата против ХПВ и хепатит Б останува едно од најефикасните средства за превенција, додека отворената комуникација со партнерот и одговорното сексуално однесување остануваат подеднакво важни колку и самата физичка заштита.

This publication was produced within the framework of the project Queer and Present: Media, Rights and Safety for LGBTIQ+ persons in Pollog, which is implemented as part of the broader regional project Together for LGBTQI+ Equality, implemented by the Centre for Civic Education (CCE) in partnership with ERA – LGBTI Equal Rights Association for the Western Balkans and Turkey, Queer Montenegro, Queer Center Skopje, Tuzla Open Center, Open Mind Spectrum Albania (OMSA), and the Center for Social Group Development from Kosovo. The programme is funded by the European Union.

The contents of this publication are the sole responsibility of the Center for Equal Opportunities “Mollekuqja” and do not necessarily reflect the views of the European Union, CCE, or the project partners.

Друго