По фемицидите, организациите бараат и враќање на сексуалното образование што МОН го осакати

Во година во која се случија седум фемициди, граѓанските организации бараат од институциите помалку свечености, а повеќе конкретни одлуки. Меѓу нивните шест барања е и повлекувањето на измените во сексуалното образование, кое Министерството за образование и наука (МОН) го врати во училиштата без родовата еднаквост, без контрацепцијата и без содржините за сексуалната разновидност и хомофобијата.

Барањата ги поднесоа Мрежата за заштита од дискриминација, Националната мрежа за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство и Платформата за родова еднаквост. Тие ги повикуваат граѓаните да го поддржат граѓанскиот протест на 25 ноември, на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените.

Измените особено ги засегаат учениците ЛГБТК+. Коалицијата МАРГИНИ предупредува дека без овие содржини училиштето останува небезбедно место за нив. Според истражувањата што ги наведуваат, речиси 37% од учениците посочиле дека во нивното училиште се случило врсничко насилство врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет, а 63% од ЛГБТИК учениците го кријат својот идентитет на училиште.

Организациите велат дека не можат да дозволат уште една кампања со конференции, свечености и симболични гестови, додека жените и натаму се убиваат, дури и кога насилството претходно било пријавено. Бараат мораториум на протоколарните настани на институциите за време на 16 дена активизам, но не и на граѓанскиот активизам.

Шесте барања на организациите 

  1. Итно усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, поднесени на 26 август во Собрание најдоцна до 10 декември 2026 година.
  2. Финализирање и усвојување на пакетот измени на осум закони, за кои беше формирана работна група во април 2026 година, меѓу кои Законот за полиција и Законот за семејство, кои треба да обезбедат поефикасна институционална заштита и подобра координација меѓу полицијата, социјалната заштита, правосудството и другите институции.
  3. Обезбедување конкретни буџетски средства во Буџетот за 2027 година, вклучително и најмалку 200 милиони денари за специјализирани услуги за заштита и поддршка на жртвите на насилство и превентивни програми за третман на сторителите.
  4. Усвојување и јавно објавување на заклучоците од собраниската надзорна расправа за родово базираното насилство, со конкретни институционални задолженија, рокови и механизми за следење.
  5. Повлекување на регресивните измени во: законите за основно образование и учебници за основно и средно образование усвоени во април 2025, упатството за заштита од насилство во основно образование (усвоено јули 2025) и програмата за сексуално образование, со кои е ослабена заштитата од дискриминација, родовата еднаквост и превенцијата од родово базирано насилство, како и враќање на сексуалното образование.
  6. Итно утврдување индивидуална и институционална одговорност за сите случаи на фемицид, вклучително и последниот случај со 17-годишната девојка од Богданци. Бараме независни проверки на постапувањето на надлежните институции и конкретни последици за утврдените пропусти.

На 10 декември, кога завршува кампањата, организациите велат дека не сакаат да ги бројат одржаните настани и објавените фотографии, туку да дознаат кои закони се усвоени, колку средства се обезбедени, кои мерки се преземени и кој презел одговорност.

Што точно беше избришано од програмата

Претходната програма за сеопфатно сексуално образование беше повлечена на почетокот на септември, само неколку дена откако епископот Јаков Стобиски, со отворено писмо, ѝ побара на министерката Весна Јаневска да го направи тоа. Тој ѝ замери дека, додека била во опозиција, се спротивставувала на употребата на терминот „род“, а откако дошла на власт ја поддржала програмата во која тој термин се среќава.

„Министерке Јаневска, повлечете ја оваа програма за идеолошка индоктринација на нашата младина“, напиша епископот во отвореното писмо.

Министерката ја повлече програмата за преиспитување, но само една недела подоцна изјави дека лично ја прочитала и дека не нашла ништо спорно. И покрај тоа, програмата се врати со измени токму во деловите што предизвикаа приговори. Сега се вика „Здравје и заштита на здравјето“ и има ист број часови и теми, но без дел од поимите што ги објаснуваат формите на дискриминација и насилство.

Најважните измени се овие:

  • Темата „Родот и родовата еднаквост“ сега се вика само „Еднаквост“. Наставната единица „Родова еднаквост: родови стереотипи и предрасуди, родова дискриминација и сексизам“ е заменета со „Еднаквост: стереотипи и предрасуди, дискриминација“.
  • „Сексуално и репродуктивно здравје“ сега е само „Репродуктивно здравје“. Од двата часа за бременоста и контрацепцијата е отстранет зборот „контрацепција“.
  • Темата „Сексуални и репродуктивни права“ сега се вика „Права и одговорности поврзани со здравјето“, а од неа се избришани деловите што изречно ги споменуваа сексуалната разновидност и хомофобијата. Наставната единица за дискриминацијата и хомофобијата, почитувањето на различностите и спротивставувањето на дискриминацијата е сведена на „Дискриминација: почитување, еднаков третман и спротивставување на дискриминацијата“.

Значи, учениците и понатаму ќе учат за дискриминацијата, стереотипите и насилството, но без дел од поимите што помагаат да се разберат нивните облици и причини.

МОН ги објаснува измените со анализа на стручното и јавното мислење и негира дека биле направени поради реакциите на верските претставници.

„Измените во наставната програма на изборниот предмет за кој станува збор се направени по анализа на јавното и стручното мислење, вклучително ставовите на претставниците на Комората на психолози, а не врз основа на мислењето или реакцијата на претставниците на некоја верска заедница“, изјавија од министерството за „360 степени“.

Според министерството, суштината на предметот останува иста, а целта е младите да се образуваат за заштита на своето здравје.

МАРГИНИ: Училиштето не е безбедно за сите, а МОН ги отстрани содржините за ЛГБТ и хомофобијата

Коалицијата МАРГИНИ реагираше особено на отстранувањето на содржините за сексуалната разновидност и хомофобијата, велејќи дека измените ја ослабуваат улогата на програмата во спречувањето на дискриминацијата и насилството врз младите ЛГБТИ.

„МОН должи јавно објаснување врз основа на кои стручни сознанија е направена оваа измена и како таа придонесува за целите на образованието. Училиштето не е безбедно за сите. Тоа го знаеме, бидејќи го имаме документирано. Истражувањата покажуваат дека речиси 37% од учениците посочиле дека во нивното училиште се случило врсничко насилство врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет. Во Северна Македонија, 63% од ЛГБТИК учениците го кријат својот идентитет на училиште, а 61% од испитаниците посочиле дека ЛГБТИК прашањата никогаш не биле опфатени во нивното образование“, велат од МАРГИНИ.

Според оваа организација, наместо овие податоци да ги зајакнат превентивните политики, министерството решило да ги отстрани токму содржините што директно се занимаваат со хомофобијата. МАРГИНИ бара да се вратат содржините за сексуалната разновидност, хомофобијата, родовата еднаквост и сексуалните и репродуктивните права. Бараат и да се објават стручните проценки врз кои се засноваат измените, да се воспостават доверливи механизми за пријавување на хомофобично и трансфобично насилство во училиштата и младите да бидат вклучени во креирањето на образовните политики.

„МОН мора да престане да ја приспособува образовната политика на предрасудите“, се вели во реакцијата на Коалицијата.

Институтот за родови студии: Учениците остануваат без поими со кои би ги разбрале проблемите

Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет во Скопје побара од МОН и од Бирото за развој на образованието, пред програмата да почне да се применува во гимназиите, да ги вратат поимите „род“, „родова еднаквост“, „родови улоги“, „родови стереотипи“ и „родово базирано насилство“.

Според Институтот, програмата е противречна: од учениците се бара да ја објаснат разликата меѓу биолошките карактеристики на полот и општествените очекувања од однесувањето на поединците, а научниот поим што ја објаснува таа разлика е отстранет.

"Ревизија што одговара на оспорувањето со бришење на поимот не го решава проблемот, туку го пренесува врз наставниците и учениците, кои остануваат без јазикот за појавите што програмата сепак бара да ги анализираат. Одговорот на оспорувањето е јасно, прецизно и возрасно соодветно дефинирање на поимот во самата програма“, се вели во реакцијата на Институтот.

Од Институтот потсетуваат дека отстранетата терминологија се користи и во законите на државата. Законот за спречување и заштита од дискриминација ги определува полот, родот и родовиот идентитет како посебни основи за дискриминација, а терминот „родово базирано насилство“ се користи во домашното законодавство и во Истанбулската конвенција.

Платформата за родова еднаквост: Нееднаквоста не исчезнува кога ќе се избрише зборот „род“

Платформата ги оценува измените како дел од поширок тренд на потиснување на родовата еднаквост од јавните политики и законодавството.

"Оваа одлука не ја гледаме како изолиран случај, ниту како обична промена на терминологија. Таа е уште еден чекор во загрижувачкиот тренд на институционално потиснување на родовата еднаквост од јавните политики и законодавството, кој го следиме во последните години“, се вели во реакцијата на Платформата.

Ако образовниот систем не ги именува овие појави и не им помага на младите да ги разберат нивните причини, велат од Платформата, тој не придонесува за нивно надминување, туку за молчење околу нив. Платформата бара МОН да ја ревидира програмата пред да се примени, да ги објави стручните аргументи врз кои се засноваат измените и да гарантира дека образовните политики нема да се менуваат под притисок на групи што се спротивставуваат на родовата еднаквост.

Европската унија го спомнува случајот во извештајот за напредокот

Европската комисија го спомнува случајот во најновиот извештај за напредокот на државата. Во извештајот пишува дека Уставниот суд добил две иницијативи со кои се оспорува уставноста на измените од 2025 година во законите за образование, поврзани со отстранувањето на содржините за сексуално и репродуктивно здравје и родова еднаквост.

„Прашањето на отстранувањето на содржините за сексуално и репродуктивно здравје и родова еднаквост од основното и средното образование останува да се реши“, се вели во извештајот.

Mollëkuqja.mk претходно известуваше за повлекувањето на сеопфатното сексуално образование и за загриженоста што таа одлука ја предизвика кај здравствените работници, психолозите и граѓанските организации.

За потсетување, програмата за сеопфатно сексуално образование доби зелено светло во 2019 година, а во пилот верзија се применуваше од 2021 година, во само три училишта во Скопје и Тетово. Во едно од нив програмата беше откажана поради притисок од родителите.

Во меѓувреме, сексуално образование се нуди во многу европски земји, меѓу кои Холандија, Шведска, Финска, Швајцарија, Норвешка, Австрија, Естонија, Португалија, Белгија, Ирска, Германија и Велика Британија. Во регионот, Албанија го воведе сеопфатното сексуално образование во основните и средните училишта уште во 2012 година, а во Босна и Херцеговина програмата веќе неколку години се применува како изборен предмет во некои кантони.

Друго