Медиумската сфера во Северна Македонија останува поделена по јазични и етнички линии, а според новинарката Агнеса Чаволи, начинот на кој медиумите ги третираат овие разлики често го продлабочува растојанието меѓу заедниците. Кога за другите заедници зборуваме само во случај на конфликт, инцидент или политички проблем, вели таа, ненамерно создаваме впечаток дека разликата е самиот проблем, додека секојдневните приказни за луѓето што живеат, работат и се соочуваат со исти тешкотии остануваат во втор план.
Последниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија ја опишува меѓуетничката состојба како општо стабилна, но забележува дека дебатите за примената на јазичните права и за правичната застапеност на немнозинските заедници постојано се враќаат. Таму се наведува и дека интернетот и социјалните мрежи станале главна платформа на говорот на омраза, при што инцидентите регистрирани во 2025 година најчесто се засновале, меѓу другото, на етничката припадност, додека Советот за етика во медиумите има примено рекорден број од 244 поплаки, најмногу за содржини на интернет порталите.
Чаволи ја познава оваа реалност одблизу, од своето професионално искуство во медиуми на албански и на македонски јазик. Mollëkuqja разговараше со неа за улогата на медиумите во меѓуетничките односи, за тоа како известувањето може да храни стереотипи и за потребата од повеќе приказни што не се поврзани со конфликтот. Според неа, медиумите треба да почнат да бараат она што ги поврзува луѓето, а не само она што ги дели.
Колку медиумите во Северна Македонија придонесуваат за градењето соживот меѓу етничките заедници, и колку сè уште се фокусираат на разликите и конфликтите меѓу нив?
Мислам дека медиумите можат да направат многу повеќе. Често зборуваме за различните заедници само кога има некаков конфликт, инцидент или политички проблем. И така, ненамерно, создаваме впечаток дека разликата е проблемот.
А има многу нешта што нè обединуваат и за кои зборуваме многу помалку.
Јас секогаш сум работела и сум живеела во двете заедници, на албански и на македонски јазик и така натаму, и за мене тоа никогаш не било нешто посебно, тоа отсекогаш било и е мојот живот. Затоа и во мојата работа секогаш сум имала желба да ги прикажам луѓето надвор од нивната припадност.
Мислам дека медиумите често се премногу фокусирани на политиката, конфликтите и разликите. А мене повеќе ме интересираат луѓето: кои се, што прават, за што сонуваат, од што се плашат.
И токму таму гледам многу повеќе соживот отколку во политиката.
Понекогаш една фотографија, едно интервју или една приказна за една личност може да направи повеќе за зближување на луѓето отколку десет телевизиски дебати.
На кои начини медиумите можат, дури и ненамерно, да поттикнат негативни наративи, стереотипи и етнички поделби? Забележувате ли такви примери особено во известувањето за младите?
Многу лесно. Понекогаш е доволен еден наслов за да ги поделиме луѓето. А повеќето го прават тоа за кликбејт или за агенда.
На пример, ако некое лице направи нешто, а ние веднаш истакнеме на која заедница ѝ припаѓа, дури и кога тоа нема врска со настанот, читателот почнува да го поврзува тоа дејство со цела група.
А тоа е особено проблематично кај младите.
Ако еден млад човек за другата заедница слуша само кога има конфликт, насилство или политика, тогаш нормално е да создаде одредена слика.
Мислите ли дека младите во Северна Македонија добиваат доволно медиумски содржини преку кои се запознаваат со животот, културата и проблемите на младите од другите заедници? Што недостасува?
Не. Мислам дека не. А тоа е малку иронично, бидејќи младите денес се можеби повеќе од кога било поврзани преку интернетот, но сепак можат да живеат во две сосема различни реалности.
Не мора секогаш да правиме приказна за „соживотот“.
Понекогаш е доволно да прикажеме двајца млади што го имаат истиот проблем, слушаат иста музика, сакаат да заминат од земјата, бараат работа, се заљубуваат, имаат проблеми со родителите…
Кога го гледаш другиот како човек, а не само како припадник на една заедница, многу полесно го разбираш.
Што конкретно можат да направат медиумите за да преминат од едноставно известување за етничките поделби кон активно промовирање на дијалогот, меѓусебното разбирање и соживотот меѓу младите?
Мислам дека треба да почнеме да ги бараме и приказните што не се конфликт.
Како новинари, често прашуваме: „Каде е проблемот?“ Можеби треба да прашуваме и: „Како може да функционира?“
Да направиме повеќе интервјуа и репортажи во кои младите од различни заедници зборуваат заедно, не само кога има некаков проблем. Го имате ли тоа предвид? И пред сè, да внимаваме на јазикот.
На крајот, не мислам дека целта е да се преправаме дека немаме разлики. Ги имаме… и тоа е сосема океј. Но прашањето е: дали тие разлики ќе ги користиме за да се оддалечиме еден од друг или за подобро да се запознаеме?
Барањето на Чаволи не се однесува само на новинарите. Извештајот на Европската комисија забележува дека медиумската индустрија во земјата е силно фрагментирана и работи на пазар со ограничени приходи од реклами, што ја намалува одржливоста и инвестирањето во квалитетни содржини. Локалните и регионалните медиуми, вклучително непрофитните медиуми и медиумите на заедниците, и понатаму се соочуваат со големи финансиски предизвици, а околу половина од новинарите примаат плата под националниот просек. Приказните што бараат време, терен и работа на повеќе од еден јазик имаат потреба од редакции што имаат ресурси да ги направат.



