Во последните две години 26 девојчиња на возраст под 15 години станале мајки. УНИЦЕФ утврди дека околу 12.000 деца биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба во период од една година. Само во јули беа регистрирани 11 нови случаи на ХИВ. Сето тоа – во Северна Македонија.
Овие податоци не само што не ги алармираа државните институции, туку тие, само неколку недели подоцна, одлучија да ја повлечат од училиштата една од ретките институционални алатки што можеше да придонесе за спречување на овие појави.
„Сеопфатно сексуално образование нема и нема да има“, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Предметот беше повлечен само неколку дена откако епископот Јаков, со отворено писмо, го побара тоа од министерката Јаневска. Во секуларна држава, министерката послуша свештено лице без каква било експертиза од областа на образованието, а ги игнорираше 11 стручни здруженија што уште во 2022 година бараа проширување на предметот.
“„Министерке Јаневска повлечете ја оваа програма за идеолошка индоктринација на нашата младина, нашата иднина за опстанок како на Црквата, така и на државата“, , изјави епископот во отвореното писмо.
Министерката постапи и против интересот на повеќе од 300 ученици кои доброволно избрале да го изучуваат предметот сеопфатно сексуално образование. Mollëkuqja од разговорите на терен дознава дека интересот на учениците за предметот постојано растел.
Сепак, таа се покажа донекаде „покајана“ само неколку дена откако реши да го повлече предметот без да се консултира со експерти. На 17 септември Јаневска изјави дека лично ја прочитала програмата за сеопфатно сексуално образование и дека не гледа ништо спорно во неа.
„Моралот и етиката не се во спротивност со знаењето кое децата треба да го имаат за правилен развој. Оттука побарав од Бирото за развој на образованието да се повлече програмата – таа што е спорна. Лично ја прочитав, не гледам ништо спорно, но побарав од Бирото да направи стручна ревизија заедно со стручњаци од Македонија, да ја погледнат уште еднаш програмата и да дадат свое мислење за да можеме да ја вратиме програмата повторно“, изјави Јаневска во гостувањето во дневникот на МРТ 1.
Експертите за Mollëkuqja: Од лошо на полошо
Блерина Ќамили е лекарка. Таа истакна дека државните институции во Северна Македонија сè уште се колебаат отворено да зборуваат за сеопфатното сексуално образование.

Ќамили додаде дека државата не му ја дава потребната важност на сексуалното образование.
„Во образовниот систем недостасува структурирана и одржлива програма за сексуално образование. Темите поврзани со сексуалното здравје се споменуваат само површно или теоретски, без практични информации и без простор за прашања. Тоа ги остава младите да се информираат од непоуздани извори или од врсниците, што ја зголемува погрешната информираност и здравствениот ризик“, рече лекарката Блерина Ќамили.
Шерузе Османи Балажи е психологичка и предавачка на Универзитетот во Тетово. Таа му рече на новинарот на Mollëkuqja дека одлуката за прекинување на сеопфатното сексуално образование може да влијае врз психолошкиот развој на младите.

Османи Балажи додаде дека недостигот од знаењата што ги нуди овој предмет – како промените што настануваат во пубертетот, влијанието на медиумите врз создавањето лажни идеали за физичкиот изглед, последиците од раната сексуална активност и слично – ги остава децата незаштитени.
„Недостигот од овие знаења води до конфузија, вознемиреност, срам и ниска самопочит. Покрај тоа, недостигот од сексуално образование води до тешкотии во градењето здрави меѓуличносни односи, бидејќи младите не развиваат вештини за искажување на чувствата, за поставување лични граници и за препознавање на абузивните односи“, рече психологичката Шерузе Османи Балажи.
Според психологичката Шерузе Османи Балажи, податоците од студијата за здравственото однесување кај децата на училишна возраст (HBSC) од 2022 година покажуваат дека 30% од 15-годишниците во Северна Македонија се сексуално активни, што е повеќе отколку во Данска (22%) и Германија (19%).
Граѓански организации: Јаневска ја отстрани единствената системска алатка за превенција
ХЕРА беше меѓу најгласните организации против одлуката за отстранување на сеопфатното сексуално образование од училишните програми. Тие соопштија застрашувачки статистички податоци само неколку часа по одлуката на министерката Јаневска.
„Ако има нешто од што треба да се плашиме, тоа не е ССО, туку сè почестите случаи на вознемирување, сексуално насилство, малтретирање и силување кај младите извршено од малолетници, како во училиштата, така и во јавните простори. Треба да нè загрижи што дури 10% од децата на возраст од 12 до 17 години во Северна Македонија, односно речиси 12.000 деца, биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија во период од само една година." порачаа од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА.
Според ХЕРА, државата не треба да го гледа сеопфатното сексуално образование како закана за децата, туку, напротив, како предмет што би ги научил кога и каде се поставуваат границите.
„Ова е реалноста со која живеат младите, а повлекувањето на ССО значи повлекување на една од ретките системски алатки што може да им помогне да препознаат ризик, да постават граници, да кажат „не“, да побараат помош и да се заштитат. ССО не е закана за децата, туку е системски одговор на заканите со кои тие веќе се соочуваат: сексуалното и врсничкото насилство, уцените, споделувањето интимни фотографии без согласност, токсичните врски, непланираните бремености, превенција на ХИВ и дезинформациите од интернет." – ХЕРА.
Потсетуваме дека, според податоците, 8% од децата биле изложени на сексуални слики, 5% добиле несакани барања за интимни фотографии или видеа, 4% биле уценувани дека нивните содржини ќе бидат распространети, а кај 3% ваквите содржини веќе биле споделени без нивна дозвола.
Дополнително, во 78% од случаите сторителот е лице што детето го познава, а 52% од случаите на сексуална експлоатација се случуваат преку социјални мрежи како Instagram, Snapchat, TikTok и WhatsApp. Во таква реалност, поразително е што само 19% од анкетираните деца изјавиле дека добиле некаков вид сексуално образование.
Податоците за сексуалното и репродуктивното здравје покажуваат дека само во 2024 година се родени 588 деца од мајки на возраст од 15 до 19 години, а во само еден месец беа регистрирани и 11 нови случаи на ХИВ.
Наставниците по биологија ги прескокнуваат лекциите за телото
Со повлекувањето на сеопфатното сексуално образование како посебен изборен предмет, единствениот предмет во кој учениците можат да стекнат основни знаења за своето тело е биологијата. Но и тука се јавуваат проблеми.
Потсетуваме на написот на Mollëkuqja објавен во 2022 година, во кој самите ученици и поранешни ученици посочија дека наставниците по биологија ги прескокнувале лекциите за размножувањето кај човекот, често „од временски причини“, или ги предавале само делумно.
Тогаш психологичката Вала Адили го оцени тоа како проблем на самите наставници, а не на учениците: според неа, тие „ја избегнуваат сопствената нелагодност со тоа што не ја обработуваат темата“. Професорката по биологија Њомза Шаќири призна дека појавата постои кај постарите генерации наставници, како последица на табу-темите.
Инаку дека пилот-програмата за ова во Северна Македонија доби зелено светло во 2019 година, а беше спроведена како пилот-програма во текот на 2021 година во само три училишта во државата, и тоа во Скопје и во Тетово. Во едно од училиштата беше откажана поради притисок од родителите.
Инаку, сексуалното образование се изучува во Холандија, Шведска, Финска, Швајцарија, Норвешка, Австрија, Естонија, Португалија, Белгија, Ирска, Германија и Велика Британија. Во Албанија ССО е воведено од 2012 година во основните и средните училишта. Во Босна и Херцеговина програмата за ССО е спроведувана како изборна во некои кантони во период од неколку години.
This publication was produced within the framework of the project Queer and Present: Media, Rights and Safety for LGBTIQ+ persons in Pollog, which is implemented as part of the broader regional project Together for LGBTQI+ Equality, implemented by the Centre for Civic Education (CCE) in partnership with ERA – LGBTI Equal Rights Association for the Western Balkans and Turkey, Queer Montenegro, Queer Center Skopje, Tuzla Open Center, Open Mind Spectrum Albania (OMSA), and the Center for Social Group Development from Kosovo. The programme is funded by the European Union.

The contents of this publication are the sole responsibility of the Center for Equal Opportunities “Mollekuqja” and do not necessarily reflect the views of the European Union, CCE, or the project partners.



