Долго време, политиката се сфаќаше како нешто што се случува само во јавната сфера: во парламентот, институциите, изборите и процесите на одлучување, историски доминирани од мажите, главно од богатите и образованите слоеви. Семејството, во меѓувреме, се третираше како приватен и „свет" простор, изграден врз морални и религиозни вредности, далеку од политичката дебата. Меѓутоа, феминистичките теоретичарки како Карол Ханиш, Кејт Милет и Шуламит Фајерстоун ја оспорија оваа поделба меѓу јавното и приватното преку идејата дека „личното е политичко" — политиката никогаш не била надвор од вратата на домот; таа отсекогаш била во него.
Од овој аспект, родовата политика не почнува само кога се изгласува некој закон; таа почнува во домот, таму каде што започнува социјализацијата на поединецот и каде што моќта се распределува нееднакво меѓу половите, како што тврди Кејт Милет. Коментарите за интелигенцијата, телото или однесувањето на жените, изборот на професија за девојчињата, фокусот на бракот, ограничувањето на нивните амбиции или всадувањето на родовите улоги уште од најрана возраст — не се само приватни прашања; тие се политички процеси, бидејќи директно влијаат врз начинот на кој се распределуваат можностите, автономијата и моќта во домот, а на повисоко ниво — во општеството.
Шуламит Фајерстоун тврдеше дека мајчинството и човечката биологија историски создале природна поделба на трудот, која патријархатот ја искористил за да ги задржи жените во улоги на економска и социјална зависност. Преку многубројни механизми, девојчињата уште од рано се социјализираат за да се подготват за идната улога на мајка: од градењето на „женска" личност, па сè до изборот на кариери што се перцепираат како „соодветни" за жените. Финансиската самостојност и личната автономија честопати се третираат како второстепени или се условуваат со идејата за создавање семејство и брак. Дури и кога жените се охрабруваат професионално, честопати постои очекување мајчинството да остане главната и крајна цел.
Татковството, во меѓувреме, не се третира на истиот начин, бидејќи не му се припишува истата биоесенцијалистичка компонента, ниту пак се означува како проект однапред програмиран во „ДНК"-то на мажот. Како што тврди Карол Ханиш, многу од она што честопати се смета за „женски проблеми" — грижата за децата, неплатената домашна работа или родовото насилство — се третираат како лични проблеми, наместо да се разберат како политички проблеми што влијаат врз една општествена класа, а не врз друга.
“A house is never apolitical. It is conceived, constructed, occupied, and policed by people with power, needs, and fears. Windex is political. So is the incense you burn to hide the smell of sex, or a fight.”- Carmen Maria Machado, In the Dream House
Кога зборуваме за закони што се борат против родовата нееднаквост, честопати мислиме само на правните механизми што ги штитат жените од дискриминација или насилство. Но родовата еднаквост не се постигнува само преку правна заштита; таа бара промена во начинот на кој ги разбираме моќта, семејството, грижата и родовите улоги што секојдневно се репродуцираат во приватниот живот.
На пример: семејното насилство не е едноставно приватен проблем — тоа е политичко и општествено прашање.
Жените честопати се социјализираат да трпат, да молчат или да нормализираат различни форми на насилство, додека мажите можат да растат во рамки на норми што ги дозволуваат и поттикнуваат доминацијата и контролата. Исто така, сексуалното насилство ја префрла одговорноста врз девојките и жените, барајќи од нив да го ограничат своето однесување, облекување или слобода, наместо да се оспорат структурите што го произведуваат насилството. Поради тоа, феминистичките активистки бараат терминот „фемицид" да биде признаен со закон — не само како убиство, туку како посебна форма на насилство врз жените што произлегува од омраза, контрола и родови политики.
Законите што се борат против родовата нееднаквост не постојат во вакуум. Тие се резултат на постојните општествени системи, наследени или оспорени преку политички активизам. Кога едно општество е изградено врз патријархални структури, правната промена бара подлабока културна, а потоа и институционална трансформација, бидејќи законите честопати одразуваат застарени вредности врз кои е изградено самото општество. За да се води вистинска борба за родова еднаквост во правен контекст, заштитата на жените мора да се разбере како заштита на една класа што историски е поставена во нееднаква положба во рамки на општествената структура — не само во семејството, туку и во економските и образовните рамки.
Движења како 4Б во Јужна Кореја, каде што некои жени избираат да го одбијат бракот, раѓањето деца или романтичните врски како форма на протест против родовата дискриминација, покажуваат дека отпорот кон патријархатот може да добие различни општествени и политички форми кога „женските проблеми" се третираат како политички проблеми. Жената се претвора во стратификувана општествена класа, со посебни класни политики и проблеми. Оттука, семејството станува една од првите институции каде што се зацврстува оваа класна разлика, каде што се учат женственоста и машкоста, како и границите на улогата што секој пол се очекува да ја одигра во општеството.
Слична рефлексија може да се забележи и во неодамнешните политички дебати за телото на жената во Соединетите Американски Држави, каде што правото на абортус и влијанието на религијата врз законодавството станаа централни прашања на јавната дебата. Овие случувања повторно ја отвораат дискусијата за начинот на кој телото на жената политички се гледа и се контролира, зацврстувајќи ја идејата дека положбата на жените во општеството и натаму останува тесно поврзана со нивната биологија.
Во овој контекст, родовата нееднаквост не може да се разбере само како производ на биологијата, традицијата или личните избори. Таа се гради преку структури што ја врзуваат жената со грижата, репродукцијата и неплатената работа, претворајќи ја биологијата во социјална категорија, а женскиот труд во ресурс историски потценуван и експлоатиран за опстанокот на општеството. Ова го зајакнува аргументот дека родовата нееднаквост не се ограничува само на секојдневието на тоа да се биде жена; таа навлегува длабоко во начинот на кој жената политички се гледа, како и во очекувањата што се градат за неа — од домашната трпеза до идеологијата на државата.


