Protestë në Shkup kundër femicidit (08.11.2026). Foto nga Portalb.mk
Protestë në Shkup kundër femicidit (08.11.2026). Foto nga Portalb.mk

Скопје протестираше против фемицидот и насилството врз жените: Ниту една повеќе!

Граѓани и активисти маршираа во Скопје против фемицидот и насилството врз жените, барајќи одговорност за институционалните пропусти во заштитата на жените и девојките. Протестот беше предизвикан од убиството на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци.

Маршот го организираше неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“. Тој започна во паркот „Жена борец“ во центарот на Скопје, помина покрај Собранието и Министерството за правда и заврши пред Министерството за образование и наука.

„Нема да не снема“

Учесниците во протестот носеа транспаренти против насилството. На чело на маршот беше пораката „Нема да нѐ избришете“.

Билјана Кириќ била убиена, а телото ѝ било пронајдено во багажникот на изгорено возило. Случајот предизвика бројни реакции и повторно ја отвори дебатата за одговорноста на институциите за заштита на жртвите на насилство.

Елена Петрова, учесничка во протестот, изјави дека насилникот и претходно бил насилен.

„Кога девојче бара заштита и потоа е убиено, тоа е прашање на конкретна одговорност. Ова е фемицид. Секое убиство на жена не е само чин на насилство, туку одраз на многу подлабок неуспех на нашиот систем.“ рече таа.

Организаторите и учесниците во протестот бараа утврдување одговорност и санкции за сите институционални пропусти. Тие повикаа на итно донесување измени во законите за заштита од насилство и на враќање на родот и родовата еднаквост во законите, програмите и образованието.

Се бараше и разрешување на јавни функционери кои го оправдуваат насилството врз жените или нивното потчинување го прикажуваат како нормално.

Петрова додаде дека „не може да водиме борба против родово базирано насилство додека политички ја поткопуваме самата основа за негово препознавање.“

Пред Министерството за правда, демонстрантите свиркаа и извикуваа пароли против насилството и институционалното бездејство.

Една жителка на Богданци ги обвини наставниците и полицијата дека знаеле за насилството врз Билјана, но не интервенирале за да ја заштитат. Според неа, девојката со недели не доаѓала на училиште, а насилството повеќе пати било пријавено во полиција.

„Насилството било пријавувано во полиција неколку пати, еднаш пред месец дена пред девојчето да биде убиено. Мојот брат и неговите другари ја бранеле од него додека да дојде полицијата за после да го пуштат од полиција одма и потоа да ја убие“ рече таа.

Алармантни податоци за фемицидот

Фемицидот и насилството врз жените остануваат сериозен проблем во Северна Македонија. Според податоците за периодот од 2021 до 2025 година, во земјата биле убиени 26 жени, девет од нив во 2023 година. Според Евростат, таа година земјата имала една од највисоките стапки на убиства на жени во Европа, шест случаи на милион жители.

Кривичниот законик не го спомнува изрично поимот фемицид. Сепак, дополнувањето на членот 123 во 2023 година предвиде казна за убиство на жена или девојка како последица на родово базирано насилство.

И во Косово протести по убиството на Арлинда Зекај

Неодамна во Косово беше подигнат аларм и за убиствата на жени. Пред неколку дена во Приштина се одржаа протести за барање институционална одговорност по убиството на Арлинда Зекај. Се сомнева дека била убиена со секира од нејзиниот зет на 25 октомври.

Арлинда постојано барала институционална заштита од насилството и заканите. Само неколку дена пред убиството, таа го известила Обвинителството дека нејзиниот живот е во опасност. Случајот предизвика протести и во други косовски градови.

Според Косовската полиција, од 2010 година до август 2026 година биле регистрирани 62 жени жртви на убиства во рамки на семејството.

Прочитајте ги и овие:

Друго