Младите во Северна Македонија растат меѓу етнички, културни и социјални разлики, но колку често овие разлики се претвораат во бариери? Во општество каде политиката продолжува да ги користи етничките теми за да создава страв и поделби, младите често се соочуваат со предрасуди кон другите заедници, без да имаат воопшто можност да ги запознаат. Овие бариери не тежат исто за сите, девојките и младите жени често се соочуваат со дополнителен слој предрасуди, поврзан не само со етничката припадност, туку и со родот.
Дали поделбите меѓу младите се реални, или се поттикнувани од политиката и системот во кој растат? Каква улога имаат училиштата, институциите и самата политика во создавањето простори каде младите, без разлика на етничка припадност или род, можат да се запознаат, да соработуваат и да градат доверба?
За овие прашања, и не само за нив, Mollëkuqja разговараше со Моника Зајкова, претседателка на Либерално-демократската партија и пратеничка, една од малкуте жени што денес раководат со политичка партија во Северна Македонија. Таа вели дека политиката носи голема одговорност за создавањето поделувачки наративи, но истакнува дека младите имаат многу повеќе заеднички проблеми и интереси отколку причини да се делат.
Колку политиката и „етничката“ пропаганда влијаат врз младите, при што тие, без да се познаваат меѓусебно, почнуваат да се гледаат како „закана“? Како може да се промени овој наратив?
Политиката има огромна одговорност, затоа што во Македонија етничките теми предолго се користат како најевтина политичка валута. Кога нема резултати за подобар стандард, образование, здравство или функционални институции, најлесно е да се посочи „другиот“ и да се произведе страв. А најопасно е кога тој страв го наследуваат младите кои никогаш не се ни запознале.
Не се раѓаме со предрасуди – некој нè учи на нив. И многу често токму политичарите преку својот наратив се учителот. Затоа мора да создадеме повеќе места каде младите ќе учат, работат, спортуваат и создаваат заедно, а политичарите мора конечно да разберат дека не можат преку ден да палат етнички пожари, а навечер да држат говори за соживот.
Зошто е важно младите да растат со отворен ум и без предрасуди кон „другите“? Што добива нашето општество од тоа?
Како либерал-демократ, за мене слободен човек е оној што самиот формира став, а не оној што живее со стравовите и предрасудите што му ги оставиле другите. Сакам Македонија во која млад човек нема да биде вреднуван според името, презимето, етничката припадност, верата, полот или социјалниот статус, туку според тоа каков човек е, што знае и што може да создаде.
На еден млад Македонец не му ја зема иднината младиот Албанец, Ром, Бошњак, Србин итн., ниту обратно. Напротив сите тие заедно можат да креираат промени и подобра иднина. Бидејќи иднината им ја земаат корупцијата, партизацијата, сиромаштијата и системот што ги убедува дека без врски и партиска книшка немаат шанса. Кога ќе го разбереме тоа, многу потешко некој ќе може да нè дели за полесно да владее.
Дали сметате дека младите денес се поотворени кон етничките, културните и социјалните разлики од претходните генерации, или поделбите сè уште силно влијаат врз начинот на кој се гледаат едни со други?
Верувам дека младите се поотворени од политичкиот систем во кој растат. Тие слушаат иста музика, патуваат, комуницираат на исти платформи, имаат исти професионални амбиции и многу почесто се препознаваат според интересите отколку според етничката припадност.
Но поделбите сè уште се реални, особено таму каде што ние како држава практично сме им создале паралелни светови. Ако децата ги разделуваме од најрана возраст, не можеме на 20 години да ги прашуваме зошто не си веруваат. Не е доволно Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и сите останати само да живеат едни покрај други. Соживот значи да живееме едни со други.
Колку институциите, училиштата и политиката прават за да им создадат на младите простори каде што можат да се запознаваат, да соработуваат и да учат да живеат со различностите? Каде потфрламе?
Постојат добри иницијативи, но системски сè уште правиме премалку. На соживотот не смее да се гледа како на проект што трае додека трае грантот, туку како на долгорочна државна политика. Од мојата долгогодишна работа со младите научив нешто многу едноставно: кога ќе ги седнете на иста маса, ќе видите дека имаат многу повеќе заеднички проблеми отколку причини за поделба. Без разлика како се викаат, ги мачат студентскиот стандард, цените, јавниот превоз, квалитетот на образованието, вработувањето и неизвесноста односно прашањето дали воопшто имаат иднина овде.
Затоа ни требаат заеднички ученички и студентски проекти, младински центри, спорт, култура, размени меѓу општините и вистинско младинско учество во институциите. Соживот не се гради со панел-дискусија, фотографија и соопштение, а од друга страна реторика на поделби и лажен национализам. Се гради кога младите реално ќе добијат причина да се запознаат и нешто заедно да создадат.
Како политичарка и пратеничка, што би требало конкретно да се промени за новата генерација да расте со помалку страв, предрасуди и омраза кон „другиот“, а со повеќе доверба и солидарност?
Прво, политичарите мора да престанат да ја вадат етничката карта секогаш кога немаат резултати со кои ќе излезат пред граѓаните.
Секој граѓанин го мачат исти проблеми(нема реагенси во болница, нема онколошка терапија, судските спорови за граѓаните траат цел животен век, за моќниците застаруваат, енормни трошења за купишта измислени функции итн.) не може да не дефокусираат се уште со теми од минатото кои се депласирани.
Второ, образованието мора да поврзува – преку заеднички активности, граѓанско образование, изучување јазици, спорт, култура и запознавање со различните заедници што ја прават Македонија наш заеднички дом.
Трето, мора да има многу посериозна институционална реакција на говорот на омраза и дискриминацијата, особено на социјалните мрежи.
И конечно, мора да им дадеме перспектива на младите, затоа што сиромаштијата, неправдата и безнадежноста се плодна почва за радикализам.
Јас не сакам Македонија во која политиката ќе нè пребројува и ќе нè плаши едни со други. Сакам држава што ќе нè мери според тоа што знаеме, колку работиме и што создаваме. Патриотизам не е да го научиш своето дете кого да мрази; патриотизам е да создадеш држава во која и твоето и детето на „другиот“ ќе сакаат да останат, ќе ја сакаат подеднакво како своја и заедно ќе придонесуваат за нејзиниот развој.



