Меѓу освестувањето и патријархатот: Како младите ја гледаат родовата еднаквост во Северна Македонија

Дискусиите за родовата еднаквост зафаќаат сè повеќе простор во јавните дебати во Северна Македонија, особено меѓу младите кои денес имаат повеќе можности да ги изразат своите ставови и искуства.

Сепак, надвор од дискусиите, останува нејасно дали младите генерации навистина успеваат да ги предизвикаат родовите норми и стереотипи што продолжуваат да влијаат врз секојдневниот живот.

Додека некои млади оценуваат дека општеството станува поотворено кон еднаквоста и кон рамноправните родови улоги, други нагласуваат дека предрасудите, традиционалните очекувања и прикриените форми на дискриминација продолжуваат да бидат присутни, како во семејството, така и во јавните и дигиталните простори.

За да ја пренесеме перспективата на новата генерација, разговаравме со неколку млади од Северна Македонија.

Флутура Џемаили, студентка од Куманово, вели дека додека родовата еднаквост се дискутира поотворено, од друга страна постои тивко назадување, при што патријархатот не исчезнал, туку се прилагодил на времето.

„Денес тој не се појавува секогаш во старата, директна форма, туку преку јазикот на „традицијата“, „семејството“, „моралот“, па дури и преку социјалните мрежи, каде што контролата врз девојките често се романтизира како грижа, додека привилегијата на момчињата се нормализира како нешто природно. Затоа, не би рекла дека новите генерации се автоматски порамноправни; тие се посвесни, но и поизложени на конзервативна контрареакција“, рече Џемаили.

Ниту студентката од Тетово, Гентина Абдији, не ја гледа промената што, како што вели, често се споменува.

„Често изгледа како да копираме модели и трендови што добро изгледаат пред јавноста, без да ги претвориме во конкретни ставови и постапки. Сметам дека една од главните причини зошто промената оди толку бавно е поврзана со воспитувањето што го добиваме уште во семејството, бидејќи токму таму се формираат првите уверувања за улогата на жената и на мажот. Тоа што едно дете гледа, слуша и доживува дома, подоцна природно се одразува во општеството, во односите и во одлучувањето. Поради тоа, иако младите генерации денес изгледаат помодерни, во многу случаи суштината останува иста, само претставена поинаку“, вели Абдији.

Студентот Гајур Мемети вели дека она што денес го забележува кај младите е тоа што темата за родовата еднаквост често се третира едноставно како некаков вид ПР-кампања.

„Го научивме вистинскиот речник и точно знаеме што е „политички коректно“ да се каже јавно, но во практиката, работите не се сменија толку многу. За мене, еднаквоста не треба да се претвори во војна меѓу половите или во трка за тоа кој е повисоко. Вистинската промена доаѓа кога ќе почнеме да ги цениме луѓето според карактерот, трудот и способностите што ги имаат, без никаков друг филтер. Нашиот предизвик како млади момчиња не е да ги следиме дигиталните трендови само за да изгледаме модерни, туку да покажеме зрелост. Тоа значи да ги почитуваме амбициите на девојките исто како нашите, истовремено носејќи ја тежината на нашите одговорности. На крајот на краиштата, општеството не оди напред со убави зборови, туку кога ќе почнеме да функционираме едни со други како тим“, рече Мемети.

Лејла Полику,исто така студентка, вели дека младите во РСМ денес отворено ги предизвикуваат традиционалните поделби на улогите, како во домот, така и на пазарот на труд, со цел да си обезбедат еднакви права.

„Меѓутоа, тоа не значи дека сè целосно се променило. Сè уште останува многу работа да се направи, бидејќи општествените предрасуди и економската нееднаквост продолжуваат да ги држат жените далеку од вистинската еднаквост“, рече Полику.

Жените повеќе не се чувствуваат како „дојденки“ во „туѓа куќа“ 

Во врска со овие прашања разговаравме и со социологот и професор Али Пајазити.Тој вели дека во денешно време, во споредба со минатото, контекстот се променил и жените имаат повеќе самодоверба.

„Таа не се чувствува потчинета, како дојденка, „од туѓа куќа“; денес таа е вработена и има свои финансиски приходи, што ѝ ја зголемува независноста, така што нејзиниот статус денес значително се подобрил“, вели Пајазити.

Од друга страна, анкета спроведена од Ipsos и King’s College London, која опфатила 23 илјади луѓе во 29 земји, открила нешто загрижувачко: младите момчиња од генерацијата Z имаат поголема веројатност од своите дедовци да веруваат дека жената треба да му се покорува на мажот. Околу 31% од момчињата на возраст од 13 до 28 години го поддржале ова тврдење, во споредба со само 13% од мажите над 60 години.

Бројките се исто толку зачудувачки и кај жените. Младите жени биле посклони од генерацијата на своите баби да се согласат со идејата за покорност, 18% наспроти 6%.

Друго