Живееме во ера во која зборот „рамноправност“ почна нагло да преовладува, да ги освојува политичките подиуми, да се чита во институционалните изјави и масовно да се шири како слоган и симбол на напредокот.
Современото општество остава впечаток дека оваа битка за родова рамноправност е добиена, но штом со покритичко око ќе ја погледнеме реалноста во која живееме, таа силно се судира со илузијата што сме ја создале во своите умови.
Родовата рамноправност се претвори во јавен декор, во длабоки теории и организациски иницијативи, но во реалноста се судира со големите предрасуди што и понатаму ја држат жената во оковите на нееднаквоста. Нашето „модерно“ општество почна да им ракоплеска на жените што донесоа револуција во општеството, но сепак, со голема острина, ги осудува. Промовира девојки и им го ветува правото да ги остварат своите слободни соништа, но во моментот кога ќе тргнат по патот за да ги остварат тие соништа, се соочуваат со најразлични ограничувања и предрасуди.
Колку повеќе зборуваме за рамноправност, толку повеќе се соочуваме со нејзиното реално отсуство. Во многу официјални институции таа претставува само идеална статистика за да се исполни прогресивниот имиџ. Жената е таа што е жртва на родовата нееднаквост, која доживува економска и професионална нееднаквост, додека во секојдневниот живот жените носат на свои плеќи товари што ретко им се ставаат на мажите.
Речиси секогаш жената е дискриминирана, прикриено и камуфлирано зад зборови како „грижа“ и „заштита“. Но, реално, нашето општество со ваквото постапување почнува да ја нормализира нееднаквоста и дискриминацијата, сметајќи ги жените за суштества што секогаш треба да бидат под грижа и заштита на мажите.
Конкретно, родовата рамноправност не претставува борба за надмоќ или авторитет меѓу мажите и жените, туку е стремеж човечкото суштество да се третира на еднаков начин, без оглед на полот. Општество што ја попречува и ја спречува еманципацијата на жените, го спречува сопствениот развој.
Затоа, повеќе не е важно колкумина од нас се осмелуваат да зборуваат за родовата рамноправност, туку колкумина од нас успеваат да ја спроведат во дело. Историјата не се гради со говори, туку со дела. И сѐ додека родовата рамноправност продолжува да биде само слоган и наратив, нашето општество ќе продолжи да се крие зад изговорот дека зборува за правда, додека во себе ја толерира нееднаквоста.


