Генерацијата Z, односно групата луѓе родени меѓу 1997 и 2012 година во Северна Македонија, го предизвикува менталитетот што создава поделби меѓу заедниците од различна етничка припадност, покажува вокс-попот на Mollëkuqja со млади од различни етникуми. Студиите, сепак, велат дека оваа возрасна група има поделени мислења за родовата рамноправност.
Во Северна Македонија живеат млади луѓе од различна етничка припадност. И покрај тоа што се соочуваат со истите проблеми, со години наназад се забележува тенденција за дружење претежно во рамките на истата етничка припадност.
Генерацијата Z го крши овој модел
Mollëkuqja реализираше вокс-поп со млади од различна етничка припадност кои живеат и дејствуваат во земјава. Сите без исклучок изјавија дека етничката припадност не смее да биде пречка за пријателство или соработка.
Ардијан Рамадани живее во Тетово,град во кој со години соживеат заедници од различна етничка припадност — Албанци, Македонци, Турци и други.
„Меѓу етниките се создадени многу предрасуди за другите заедници, што не ми се допаѓа и секојдневно се трудам да ги сузбијам. Треба многу повеќе простор да им се даде на младите за да започнат заеднички проекти и да го урнат тој ѕид, бидејќи нашите заеднички проблеми се многу поголеми од етничките поделби што ги имаме“, одговори Рамадани.
Рамадани додаде дека со текот на годините пораснале „поделени, како во паралелни системи“. Студиите велат дека недостигот од директен контакт ги храни стереотипите и постои ризик да развие предрасуди и неоправдана омраза.
Кристијан Стефановски живее во живее во Скопјеглавниот град на земјата, каде исто така соживеат заедници од различна етничка припадност. Тој сепак се дружи со млади од различни етникуми и вели дека културата на поделба се храни од повеќе фактори.
„Секако, оваа изолација е поткрепена и одржувана од цела мрежа чинители, почнувајќи од семејството, преку образовниот систем, сѐ до државните институции."
„Младинските размени, волонтерските акции и културните настани, во овој поглед, се особено важни, бидејќи овозможуваат младите да градат односи врз основа на заеднички интереси и искуства. Но, сметам дека покрај граѓанските организации, неопходно е вклучување и на образовните и на државните институции со цел континуирани вмрежувања, наместо еднократни, формални средби.“
Ангела Бошкоска,студентка и писателка од Тетово,вели дека со свои очи видела како навистина може да изгледа соживотот.
„Би го истакнала природниот соживот што се создаде во едно рок кафуле во Тетово, кое за жал веќе не постои. Таму се дружевме сите и кога велам сите, мислам на тоа дека никој не прашуваше никого која националност, етност или вера е. Туку разговаравме за нешто што сите го сакавме, рок музиката “, вели Бошкоска.
Според неа, во држава која постојано покажува колку малку и е гајле за младите, единствениот пат што ни останува е природно да се насочиме кон работите што нè обединуваат и да ги игнорираме поделбите што секојдневната политика постојано се обидува да ни ги наметне.
Иљза Сулејмани и Амра Османи,двете од Тетово,решението го гледаат во заедничките активности и соработката меѓу младите од различна етничка припадност.
“Mendoj se nuk është problem shumë i rëndë i cili nuk mund të zgjidhet. Ne duhet të bashkëpunojmë me etnitë e tjera, sepse kjo është vlerë shumë e mirë, sepse jemi vend multikulturor“, tha Yllza.
“Te të rinjtë nuk realizohen iniciativa të përbashkëta me etni të ndryshme. Kjo bën që paragjykimet të shpeshtohen dhe të rinjtë të mos e njohin njëri-tjetrin“, tha Amra.
М.В. е Македонка од Гевгелија,град кој, за разлика од повеќето други градови во земјата, има речиси целосно етнички хомогено население. Кога се преселила во Скопје, на 22-годишна возраст, таа отблизу видела колку навистина се поделени младите во земјата според етничката припадност.
„Сфаќам дека тоа што ние како млади не сме доволно сплотени, до одреден степен, не е ни наша вина. Од најмала возраст растеме во различни средини, одделени училишта или пак различни училишни смени. Не можеш да очекуваш младите да се чувствуваат како една заедница ако уште од основно училиште немаат можност да играат заедно на голем одмор и да создаваат пријателства.“
„Без контакт, тешко се рушат стереотипите. Затоа мислам дека ако сакаме вистински соживот, мора да почнеме од образованието. Не е доволно децата да учат лекции за толеранција ако во пракса немаат можност да се запознаат едни со други. Потребни се повеќе заеднички активности, заеднички проекти, спортски и културни настани и студентски иницијативи каде што младите ќе работат заедно и природно ќе се запознаваат.“
Луиза Ресиди од Тетово, вели дека меѓуетничкото дружење се случува претежно на универзитетите, и дека се потребни други заеднички простори.
„Се дружам, но најмногу на универзитетите. Треба да се создадат други амбиенти, како што беше на пример Културното лето, каде што се среќаваа младите Албанци, Македонци, Турци, амбиенти кои би биле позабавни“, рече таа.
Студија: Генерацијата Z, најподелена во однос на сите други генерации за родовата рамноправност
Според нова студија на King's College London, спроведена од Ipsos UK во соработка со Global Institute for Women's Leadership, генерацијата Z се покажува како најподелената генерација по пол кога станува збор за феминизмот, родовите улоги и правата на жените.
Студијата покажува дека, спротивно на општата перцепција дека помладите генерации се воедначено поддржувачи на родовата рамноправност, во реалноста мислењата на младите мажи и жени често значително се разминуваат по овие прашања.
Според резултатите, 53% од девојките од Генерацијата Z се дефинираат себеси како феминистки, додека само 32% од момчињата од истата генерација мислат истото за себе — разлика од 21 процентен поен, најголемата регистрирана меѓу сите генерации опфатени во студијата.
Студијата истакнува и дека, иако Генерацијата Z перцепира помала тензија меѓу општествените групи во споредба со прашања како богатството или класата, младите од оваа генерација се поподложни од постарите генерации да чувствуваат тензија меѓу половите во нивната земја, со големи варијации од земја до земја.
Поделбите опишани од интервјуираните млади не се само субјективни впечатоци, тие се одразуваат и во официјалните податоци. Според Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, само во првите шест месеци од годинава се поднесени 208 претставки за дискриминација, а секоја четврта од нив била на етничка или национална основа.
- Прочитај за контекст; Северна Македонија, над 200 пријави за дискриминација во првите шест месеци од годината




