Неетичкото и непрофесионалното известување за родови теми често произлегува од недостигот на вештини за третирање на чувствителните родови теми, склоноста кон сензационализам и потхранувањето на длабоко вкоренети наративи што репродуцираат родови стереотипи, што пак честопати го претвора самото известување во проблем. За оваа тема разговаравме со уредничката на „Алсат М“ и новинарка, Фатлуме Дервиши. Таа ја нагласи важноста на медиумската писменост, особено кога станува збор за посериозни теми како семејното насилство или фемицидот.
Честопати погрешното известување за родови прашања доаѓа од недостиг на информации, од наративи вкоренети во самите медиуми, честопати склони кон сензационализам. Колку медиумите се дел од проблемот што тврдат дека го известуваат?
Медиумите се истовремено и огледало и создавач на општествените наративи, затоа честопати стануваат дел од проблемот што тврдат дека го третираат или за кој известуваат. Кога редакциите ја следат логиката на кликовите и сензационализмот, родовите прашања се сведуваат на шокантни приказни, а не на продлабочени анализи на проблемот.
Ова се случува особено кога недостига континуирана обука за родово чувствително известување и кога културните стереотипи остануваат непредизвикани во медиумите, без обид за нивно откривање и отстранување. Наместо да ги разградуваат предрасудите, некои медиуми ги репродуцираат преку јазикот, насловите и аголот на гледање во своите медиумски производи. Така, медиумите не само што информираат, туку и обликуваат перцепции што можат да бидат штетни. Затоа, одговорноста на медиумите е многу поголема отколку само известувањето за фактите.
Кога насилството врз жените или маргинализираните заедници се третира како „црна хроника“ за дневна потрошувачка, дали медиумите го нормализираат насилството наместо да го проблематизираат?
Третирањето на насилството како „црна хроника“ за брза потрошувачка го поместува фокусот од структурните причини кон сензационализмот на настанот. Кога известувањата се секојдневни и без контекст, постои ризик публиката да се навикне на насилството и да го перцепира како нешто вообичаено.
Оваа форма на известување честопати нема анализа, гласови од експерти и перспектива на жртвата. Наместо да поттикне дебата и размислување, таа создава циклус на емоционална потрошувачка на вестите. Ова може да доведе до десензибилизација на публиката и намалување на чувствителноста кон жртвите. Медиумите треба да преминат од реактивно кон објаснувачко и едукативно известување.
Кои се најчестите грешки и примери кога новинарите и медиумите погрешно известуваат за чувствителни родови прашања, и како тие влијаат врз начинот на кој публиката ги перцепира родовите прашања и колку ја искривуваат реалноста?
Најчестите грешки вклучуваат употреба на јазик што ја обвинува жртвата, изнесување непотребни детали и недостиг на родов контекст. Честопати гледаме наслови што ја нагласуваат личната врска меѓу жртвата и сторителот, со што го релативизираат насилството. Или, уште полошо, наслови што го оправдуваат насилникот како љубоморен, темпераментен или воден од прекумерна љубов, во случаите на родово насилство во семејството. Друг проблем е употребата на стереотипи, како прикажувањето на жените како слаби или зависни. Исто така, недостигот на веродостојни извори и експерти го прави известувањето површно.
Медиумите повеќе се фокусираат на приватната врска или личната приказна зад насилството отколку на барањето институционална одговорност за насилникот. Овие грешки директно влијаат врз начинот на кој публиката ги разбира родовите прашања, искривувајќи ги. Наместо реална слика, се создава искривен наратив што може да ги оправда или минимизира проблемите.
Кои се некои знаци што граѓаните можат да ги препознаат за да разберат дека една вест за родови прашања не е известена како што треба?
Еден од главните знаци е употребениот јазик, дали е сензационалистички, пристрасен или ја обвинува жртвата. Насловите што сакаат да шокираат и да драматизираат повеќе отколку да информираат се уште еден индикатор. Недостигот на контекст, статистики или анализа укажува на слабо известување. Исто така, ако нема повеќе извори или гласови од експерти, веста може да биде еднострана. Вестите за родовото насилство треба да бидат придружени со статистики што докажуваат дека станува збор за појава, а не за изолиран случај. Непотребните детали или повредата на достоинството на жртвата се исто така знак за тревога.
На крајот од текстот секогаш треба да се земат предвид другите жртви што можат да бидат потенцијални гледачи на твојата медиумска содржина, затоа треба да се дадат информации каде и како можат да го пријават насилството. Внимателен граѓанин лесно може да препознае кога една вест цели кон кликови, а не кон квалитетно информирање.
Што треба да се промени во начинот на кој медиумите известуваат за родовите прашања кај нас, но и во регионот?
Тоа што треба да се промени е пристапот: од брзо и сензационалистичко известување кон продлабочено и одговорно известување. Редакциите треба да инвестираат во обуки за родово чувствително известување и да развијат внатрешни етички политики. Важно е да се вклучат повеќе експерти и различни перспективи во известувањето. Исто така, треба да се избегнува стереотипниот јазик и да се промовира побалансиран дискурс.
Соработката со невладините организации специјализирани за родово насилство е есенцијална. Тие имаат постојан контакт со жртвите и многу знаења и анализи за прифатливиот јазик и за јазикот што може да ги повреди или оштети другите жртви. Тоа е затоа што мисијата на новинарот треба да биде и охрабрување на другите жртви да го пријават насилството. Регионалната соработка може да помогне во стандардизирањето на најдобрите практики. На крајот, медиумите треба да се гледаат себеси како активен учесник во промовирањето на еднаквоста, а не само како преносители на настаните.


