Дел од младите интервјуирани од Mollëkuqja изразија загриженост поради видот на содржини што им се прикажуваат на социјалните мрежи преку онлајн платформи како TikTok и Instagram, кои претежно промовираат дискриминаторски содржини и поттикнуваат насилство. Сара, студентка на Тетовскиот универзитет, истакна дека социјалните мрежи честопати промовираат погрешни ставови за родовите улоги.
„Честопати ми излегуваат видеа каде мажите се прикажани како 'доминантни', а жените како слаби или како личности кои само треба да се покоруваат. Проблемот е што овие видеа се претставуваат како нешто нормално или дури 'кул' за младите. Или пак честопати видеа на девојки/жени во АСМР формат како чистат и вршат домашни работи", вели Сара.
Друга млада жена од истиот град раскажува дека на социјалните платформи често наидува на содржини со сексистички навреди и родови стереотипи прикриени како хумор.
„Има многу видеа каде девојките се навредуваат или омаловажуваат, а луѓето тоа го нарекуваат само 'шега'. Со текот на времето, ова го нормализира навредливиот јазик и дискриминацијата. Или честопати гледам момчиња/мажи кои се потсмеваат на разни девојки, но и на момчиња, и кои за жал добиваат многу реакции", вели таа.
Еден студент од Скопје вели дека алгоритмите честопати ги туркаат младите кон сè поекстремни содржини.
„Има видеа кои промовираат омраза, контрола врз девојките или психолошко насилство. Ако ги гледаш постојано, почнуваш да ги сметаш за нормални и мислам дека имаат негативен ефект врз младите, без оглед на напредокот што го бележиме во промената на менталитетот", вели тој.
Според младите, ваквите содржини стануваат сè поприсутни на социјалните мрежи, особено во кратки видео-формати кои брзо се шират меѓу младата популација.
Познавачи на медиумската писменост оценуваат дека недостатокот на дигитално образование и непознавањето на начинот на кој функционираат алгоритмите ги прави младите поранливи на овие наративи.
Главниот уредник на Mollëkuqja.mk, Ардит Рамадани, вели дека наспроти овие содржини, решението не е само забрана или цензура, туку образование.
„Младите треба да научат како функционираат алгоритмите, како да го препознаат манипулирањето, дискриминаторскиот јазик и наративите кои го нормализираат насилството или родовата нееднаквост. Медиумската писменост и отворените дискусии во училиштата, семејствата и медиумите се суштински за младите да изградат критичко размислување и да не прифаќаат секоја содржина што им се прикажува онлајн како нормална", вели Рамадани.
Експерти и различни истражувања истакнуваат дека образованието за родова рамноправност, критичкото размислување и безбедното користење на социјалните мрежи останува суштинско за спречување на нормализирањето на говорот на омраза и онлајн дискриминацијата.






