Foto: Vigan Behluli (e përdorur me leje)
Foto: Vigan Behluli (e përdorur me leje)

ИНТЕРВЈУ | Виган Бехлули, психолог: Да се живее глумејќи е исцрпувачко за лицата LGBTQI+

Лицата LGBTQI+ се соочуваат со директни последици врз менталното здравје поради стигматизацијата, семејното отфрлање, дискриминацијата и притисокот да го кријат својот идентитет.

Анксиозноста, депресијата, падот на самодовербата и социјалната изолација се меѓу проблемите што најчесто се појавуваат во психолошката пракса, а постојаното искуство на исклученост може да остави долгорочни последици.

За подлабоко да разбереме како ваквите искуства влијаат врз лицата LGBTQI+, како и каква улога имаат семејството, општеството и институциите, Mollëkuqja разговараше со психологот Виган Бехлули, лиценциран специјалист по клиничка психологија со искуство во психотерапија, кој работи со припадници на LGBTQI+ заедницата во CEL Kosova.

Бехлули зборуваше за последиците од стигматизацијата, за притисокот да се крие идентитетот, за траумата што може да ја предизвика отфрлањето и за потребата од поголема семејна, професионална и институционална поддршка.

Како влијае начинот на кој општеството ги третира лицата LGBTQI+ врз нивното ментално здравје, и кои се најчестите психолошки последици што ги забележувате во вашата пракса?

Општествениот третман содржи и поттикнува одредена доза предрасуди или интернализација, која особено ги засега лицата што се маргинализирани поради една или друга специфичност, а во овој случај тоа се припадниците на заедницата.

Предрасудите и маргинализацијата што се применуваат и се поттикнуваат во општествениот контекст почнаа да се претвораат во еден вид наратив, во рамките на кој припадниците на заедницата, во овој случај, го негуваат.

Денес многумина од нив велат дека се обидуваат да му се спротивстават на тоа, бидејќи тоа е начин на кој луѓето се трудат да живеат автентично и достоинствено и да ја обезбедат својата психолошка благосостојба. Но има и такви кои тешко се прифаќаат себеси, затоа што таквиот општествен третман, односно општественото влијание, останува многу доминантен во текот на целиот нивен живот.

Од психолошки аспект, овие состојби се во пораст низ целиот свет, а сè што спаѓа под чадорот на анксиозноста и растројствата на расположението, со фокус на депресијата, доаѓа како последица на стравот или на исклученоста во која се наоѓаат лицата од заедницата, што често се манифестира и преку елементи на злоупотреба и насилство со кои се соочуваат.

Оваа општествена маргинализација влијае и врз самодовербата и самопочитта. Овие фобии, особено хомофобијата, се широко присутни во општествениот наратив, па затоа неизбежно влијаат врз самодовербата и самопочитта на лицата од редовите на заедницата.

Каков вид емоционални и психолошки штети предизвикуваат постојаната стигматизација, семејното отфрлање или институционалната дискриминација кај овие лица?

Она што се случува во семејството е чувство на напуштеност, некој што е отфрлен, некој што не е прифатен, некој што мора да биде отуѓен или ја носи етикетата на „црната овца“, затоа што е поинаков од „нормалното“, и како таков се соочува со ризик од отфрлање и од повредување. Кога станува збор за тема со која лицата од заедницата се соочуваат постојано, тоа има доволно потенцијал да прерасне во траума, а траумата потоа се манифестира преку сите свои обележја, што може да резултира со чувство на дополнителна изолација, со значителен пад на самодовербата и самопочитта и, следствено, со појава на анксиозно растројство и растројства на расположението.

На институционален план имаме дискриминација која во земјите на Балканот, па и на Косово, има одреден правен третман, и имаме одредена правна инфраструктура. Но сепак, некако тивко, од праксата на давање психолошки услуги на припадниците на заедницата, може да се забележи доза на нееднаквост. Службениците, ако смее така да се каже, сметаат за оправдано на такви лица да не им ја понудат гарантираната услуга, бидејќи се „поинакви“.

Зошто, од психолошки, социјален и културен аспект, општествата во албанскоговорните земји и на Балканот остануваат толку затворени кон сексуалната и родовата разновидност?

Овие работи низ историјата биле присутни и на некој начин се допирни точки што ги придружувале општествата кои сè уште не успеале да ја „сварат“ разновидноста и да ја сметаат за богатство. Кај нас на Косово, во албанскоговорните земји, во Албанија, во еден дел од Северна Македонија, особено таму каде што живеат Албанци, можеби би можел да кажам дека има мали елементи на подобрување, еден вид вестернизација на менталитетот на младите, можеби не во голема мера, но во одредени социјални групи има обид да се прифати разновидноста, поради што ми се чини дека не сме многу поинакви од другите земји на Балканот.

Сепак, стигмата е сè уште многу присутна. Ние сме колективистичко општество и важи честа дека секој го претставува целиот свој род, целото свое презиме: кога некој му го осветлува образот на целиот род, или кога некој е земен на јазик, на јазик е земен и целиот род. Тоа е чувство на колективност во кое етикетите не остануваат на личен план, туку на колективно ниво, кај сите што споделуваат некоја заедничка карактеристика.

Чувството дека сме традиционално, конзервативно општество го има своето влијание, па затоа има традиции што се малку пофиксни, не се многу флексибилни и му пркосат на времето, во условно кажано негативна смисла, што значи дека некои работи остануваат прилично втемелени и вкоренети во нашиот традиционален идентитет. Иако не треба да се води борба против традиционалното, бидејќи има многу добри практики, сепак, во поглед на прифаќањето на разновидноста, ми се чини дека традицијата и конзервативизмот можат да имаат негативно влијание.

Влијание има и религијата, која го оспорува моралот, а се проповеда дека тоа е нешто неприфатливо што треба да се коригира кај сите лица што се дел од заедницата, односно што се поинакви од мејнстримот.

Како ги доживуваат лицата LGBTQI+ притисокот да се скријат или да живеат идентитет кој не е нивни, и какви долгорочни последици има тоа врз нивната ментална благосостојба?

Тука јасно се гледа чувството на исцрпеност, бидејќи постојано си во некаков вид глума, имаш потешкотии да градиш блиски емоционални врски со луѓе кон кои можеби чувствуваш некаков интерес, затоа што на некој начин мора да внимаваш пред кого се отвораш и кој како те гледа и како се однесува кон тебе.

Тука е и чувството на стигма дека тебе и семејството ве земаат на јазик, некаков срам што мора да го носиш затоа што имаш храброст и тежнееш да се истражиш себеси и да се пронајдеш во поглед на социјалниот идентитет. Тоа може да доведе и до изолација, бидејќи на припадниците на заедницата им е тешко да најдат други луѓе од кои ќе бидат прифатени. Во урбаните центри може да има малку повеќе толеранција, но, во поголема мера, стереотипите и изолацијата се поизразени.

Каква улога може да игра професионалната психолошка поддршка во заздравувањето од овие општествени трауми, и што треба да се промени во општеството за овие лица да се чувствуваат побезбедно и прифатено, како можат општествата да станат поотворени?

Тоа е еволутивен, историски процес, нешто на што треба да се работи и во поглед на законодавството, но и во поглед на општествениот код, односно како ќе живееме заедно и како треба да ја прифатиме индивидуалноста на другиот без да ја нарушиме благосостојбата на другите.

Потребно е да зборуваме повеќе, да го нормализираме тоа како дел од нашиот јавен дискурс, а на семејно ниво треба да се разбере дека тоа лице, и покрај сексуалниот идентитет, е лицето што го сакаат и го почитуваат, и дека тоа не го прави поинаков, отуѓен и неморален. Семејната поддршка треба да биде тука за да им помогне на припадниците на заедницата да го најдат својот внатрешен глас.

Во законодавството има иницијативи и до одреден степен уредени прашања што се однесуваат на борбата против дискриминацијата. Но тие треба понатаму да се развиваат и усовршуваат, а и механизмите за спроведување да бидат поажурирани и попрецизни, за правата и слободите на поединците да бидат загарантирани и од државните институции.

Инаку, во најновиот извештај на ЕУ за Северна Македонија се наведува дека правната заштита на лицата LGBTIQ+ треба да се подобри и дека тие и натаму се соочуваат со дискриминација. Земјата нема национална стратегија за нивната еднаквост, правно не ги признава партнерствата од ист пол и нема брза постапка за правно признавање на родот. Во извештајот се нагласува и дека измените во правилникот за пријавување насилство во училиштата ја отстранија сексуалната ориентација како можен мотив, а говорот на омраза, особено на социјалните мрежи, продолжува. Парадата на гордоста во Скопје во јуни помина без инциденти.

Друго