Илјадници книги од авторки и феминистичка литература им се подарени на читателите во повеќе градови во земјата. Пораки против сексуалното вознемирување и патријархатот истовремено се пренесуваат на албански, македонски и на ромски јазик. Зад овие иницијативи стојат млади луѓе кои родовата нееднаквост, насилството и сиромаштијата не ги гледаат како проблем на една етничка заедница, туку како заеднички прашања, за кои треба да се борат заедно.
Од родовата еднаквост и феминизмот, до насилството, животната средина, говорот на омраза и човековите права, младите активисти создаваат иницијативи кои им се обраќаат на граѓаните на повеќе од еден јазик. Албанскиот и македонскиот не ги гледаат како граници меѓу заедниците, туку како средство за нивно зближување. Во Скопје, Тетово и други градови се создаваат простори во кои младите се среќаваат, разговараат и дејствуваат заедно.
Од книгите до феминистичката солидарност
Еден таков пример е Мрежата Стела, која преку иницијативата „Сподели авторка“ со години ја промовира книжевната работа на жените и пристапот до феминистичка литература. Преку неа се подарени илјадници книги во повеќе градови низ целата земја.
Како што објаснува Сара Миленковска, активистка и соосновачка на Мрежата Стела, солидарноста не значи да се преправаме дека сите имаме исти искуства, туку да ги препознаеме различните позиции од кои доаѓаме и да сфатиме дека ниту една еманципаторска борба не може да се затвори во границите на сопствената етничка или јазична заедница.
„Не би рекла дека младите по дефиниција се ослободени од етничките поделби – и тие растат во општество кое постојано ги репродуцира. Но, низ нашата работа гледаме голем потенцијал тие поделби да не се прифатат како природни и однапред зададени.“, вели Сара.
Таа додава дека кога младите ќе се сретнат околу прашања кои директно ги засегаат, како родовата нееднаквост, насилството, сиромаштијата, образованието, достојната работа или слободата да бидат тоа што се, станува многу потешко да се гледаат меѓусебно само низ етнички категории.
„Затоа ваквите иницијативи не ги гледам само како позитивни приказни за соживот, туку како обид практично да изградиме инфраструктура на солидарност таму каде што институциите и пазарот оставаат празнини.“, рече Миленковска.
Активизам на повеќе јазици
Во Тетово, друг пример за активизмот на младите е иницијативата „Размисли малку“ на активистката Елена Савеска. Нејзините јавни пораки ги засегаат темите на сексуалното вознемирување, патријархатот, национализмот, фашизмот, загадувањето и насилството, и се пренесуваат на албански, македонски и на ромски јазик.
За Савеска, јазикот не треба да се користи за да се нагласуваат разликите, туку за да се овозможи разбирање и комуникација.
„Улогата на младите, особено кога станува збор за надминување на етничките бариери и приближувањето меѓу заедниците, ја гледам низ фразата која стана флоскула: „Младите се иднината“. Младите се навистина иднината и би требало така да се третираат. Верувам дека исто така стана флоскула поради моќта што ја имаат младите да ги прават промени и да ја менуваат сегашноста, а со тоа и иднината иако не се политички претставени и ја немаат можноста да го направат тоа. Дел од таа моќ е приближување на заедниците и надминување на бариерите од минатото врз било која основа. Ги имаме истите проблеми, а проблемите што нè засегаат сите, може само да се решат заедно.“ вели Елена.
Таа верува дека повеќејазичните иницијативи им овозможуваат на луѓето да излезат од својот круг и да се запознаат со различни перспективи. Според Савеска, во време кога растат омразата, национализмот, ксенофобијата и хомофобијата, активизмот што ги поврзува луѓето е потребен повеќе од кога било.
„Денес ваквите иницијативи, а особено мировните, се најпотребни. Баш поради сите бранови на омраза, фашизам, национализам, ксенофобија, хомофобија,... и се разбира бидејќи не е нормално и не е природно да се мрази.“ вели Савеска.
Зошто овој активизам не оди лесно
Последниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија покажува дека теренот не е лесен. Меѓуетничката состојба се опишува како општо стабилна, но дебатите за јазикот остануваат жестоки, што го покажа и петицијата на студентите по право кои бараа испитот по јуриспруденција да го полагаат на албански јазик.
За жените и активистките, најзагрижувачки е говорот на омраза на интернет. Извештајот забележува дека пријавените инциденти во 2025 година почесто се засновале, меѓу другото, на етничката припадност, додека властите сè уште не собираат податоци на систематски начин, па случаите ги документираат граѓанските организации. Во него се предупредува и дека антиродовите наративи влијаат врз јавната дебата и дека жените бранителки на човековите права се соочуваат со закани и говор на омраза онлајн.
И за младите институционалниот простор се стеснува. Во 2025 година бројот на општини со локален младински совет опадна од 28 на 24, од вкупно 81, а младински центри или канцеларии има само во 13 општини. Невработеноста кај младите останува околу 25 отсто, а новиот закон за младинска работа сè уште чека. И граѓанските организации се одржуваат со тешкотии, бидејќи јавната поддршка е ограничена, а странските донации станаа несигурни.
Младите како сила за промена
Од книгите и феминизмот, до јавните пораки и борбата против говорот на омраза, овие иницијативи имаат заедничка точка: не ја прифаќаат поделбата како нешто природно. Тие тргнуваат од идејата дека заедничкиот проблем бара и заеднички одговор.
Таа логика е во центарот и на работата на порталот Mollëkuqja.mk, кој е единствениот портал што пишува за родови теми на три јазика во Северна Македонија, на албански, македонски и англиски, а преку новинарство, активизам и образование се стреми темите на родовата еднаквост и човековите права да ги доближи до различните заедници.
„Кога еден проблем ги засега сите, нема смисла и решението да се дели според етничка или јазична припадност. Токму затоа Mollëkuqja работи на три јазика, за една тема да не остане затворена во една заедница, туку да стане дел од заедничките разговори. Активизмот на младите има вредност токму кога успева да создаде мостови таму каде што политиката, институциите или предрасудите изградиле ѕидови. Ако сакаме општество со повеќе еднаквост, мора да научиме да се бор заедно за проблемите што ги засегаат сите нас“, вели главниот уредник на Mollëkuqja.mk, Ардит Рамадани.
Потсетуваме дека во последниот период Центарот за современи уметности во Скопје, преку Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми“, реализираше низа креативни и уметнички акции против говорот на омраза. Активисти, уметници и граѓански организации го изнесоа овој проблем од виртуелниот простор и го направија видлив на улица. Преку инсталации, пораки и интервенции, од граѓаните се побара да размислат за последиците од зборовите што ги користат и за тоа како говорот на омраза може да се претвори во дискриминација и насилство.



