Леа Ипи ја доби наградата „BookStar 2026" во Скопје, а во салата имаше луѓе од различни етнички заедници, обединети околу истото дело. Неколку недели подоцна, осум албански и македонски поети седнаа на истата сцена за „Меѓу два стиха". Во центарот на двете иницијативи стоеја две жени, Леа Ипи и Арлинда Бафтиу, како коорганизаторка.
„Слободни" беше книгата за која беше наградена албанската писателка и филозофка Леа Ипи. Таа слободата ја третира не само како индивидуално право, туку и како морална одговорност и како прашање за тоа како се градат самите општества.
Уметноста како „поврзувачки мост" меѓу заедниците
Присуството на Ипи во Скопје на површина изнесе и нешто друго. Можноста културата да отвора простори каде луѓето се среќаваат надвор од идентитетите што обично ги делат.
Во едно општество каде Албанците и Македонците често живеат во она што може да се нарече две паралелни реалности, уметноста останува едно од ретките места каде тие реалности се вкрстуваат.
„За мене е важно, барем, што ова признание во оваа средина на културата и книжевноста е признание што ме тера да мислам дека има толку многу простори каде можеме да соработуваме надвор од национализмот, надвор од идеолошките граници и каде можеме да се бориме за слободата и за интегритетот", рече Леа Ипи во интервју за Порталб.мк.
„Признавањето на колективната слобода, признавањето на идентитетот, на јазикот, на нештата што нè обединуваат, не е закана за другиот. Всушност, тоа е богатство за едно општество", додаде таа.
Нејзината изјава директно се поврзува со темата на книгата „Слободни", каде слободата се третира како одговорност што се дели меѓу индивидуата и општеството.
Осум поети, два јазика, една сцена
Ако во Скопје луѓето се собраа околу книгата на албанска авторка, друга неодамнешна иницијатива го приближи ова обединување уште повеќе. „Меѓу два стиха" беше поетско читање каде на истата сцена се сретнаа осум поети, албански и македонски.
Поезијата, во овој случај, не беше само она што се читаше. Таа беше и причината зошто луѓето се собраа во истата сала.
Арлинда Бафтиу, поетеса и новинарка, беше дел од организацијата на настанот. Според неа, ваквите иницијативи имаат директна улога во намалувањето на дистанцата меѓу заедниците.
„Ваквите настани секогаш го намалуваат јазот на отуѓување на другиот. Ваквите организации покажале големо значење во подобро запознавање, културен дијалог и подобрување на комуникацијата меѓу младите што живеат во заеднички простор", вели Бафтиу.
За неа, ова не останува само културно прашање, туку форма на дипломатија, толку повеќе потребна во општество каде другите сектори често не успеваат да изградат стабилни мостови.
„Уметноста е универзален јазик, и само кога сме во вакви заеднички иницијативи сфаќаме дека ги делиме истите грижи и прашања", вели таа.
Според Бафтиу, ваквите иницијативи некогаш беа почести, главно како проекти поддржани од меѓународната заедница.
„Денес треба да бидат присутни и дел од секојдневната култура. Културните сцени сè уште остануваат разделени како со нож, а тоа претставува проблем во општество што треба да соживее", вели таа.
Нејзините зборови покажуваат дека, сепак, дистанцата меѓу заедниците во областа на културата останува, сè уште, нерешено прашање.
Запознавање на еден со друг преку креативноста
Андреј Медиќ,поет и професор по книжевност, смета дека средбата на младите уметници не е само културна размена, туку начин да се запознае другиот преку креативноста.
„Литературата, како и целата култура генерално, имаат голема можност кон приближување на младите уметници од различни заедници. Културните иницијативи помагаат кон тоа повеќе да се слушаме меѓу себе, меѓусебно да ја запознаеме уметноста којашто ја создаваме, но и генерално да се запознаеме меѓу себе како млади и активни уметници.“
Ова беше и една од причините зошто беше организирано „Меѓу два стиха".
„Настанот предизвика убава видливост, имаше убава атмосфера и голема посетеност, а е значаен бидејќи е чекор напред кон заедничко организирање на настани и меѓусебно запознавање.“
Според Медиќ, нивните цели не завршуваат со овој настан.
„Нашата идеја е да организираме што е можно повеќе настани каде што учество ќе земаат уметници од сите заедници.“
Северна Македонија не е без примери на културна соработка. Иако не во голем број, постојат фестивали и книжевни настани што со години собираат автори, поети и уметници од различни заедници.
„Денови на Наим", Фестивалот на поезија во Скопје, „Добри гости" и Струшките вечери на поезијата се дел од просторите каде книжевноста ја надминува јазичната и етничката припадност, а творците се среќаваат околу она што им е заедничко — уметноста.



