Соживотот меѓу заедниците не се гради само со политички изјави или со убави зборови на свечени прилики, туку со реални можности, со постојана вклученост и со простор секоја заедница да се чувствува целосен дел од општеството, а не само присутна во него, а ова важи особено за жените во секоја заедница.
За ромската заедница, а посебно за ромските жени и девојки кои често се соочуваат со двоен товар на дискриминација, тоа значи нешто сосема конкретно — повеќе достапност до образование, повеќе можности за учество и политичка застапеност, реално вклучување на младите во одлучувањето, и пред сè, разбивање на предрасудите и стереотипите кои, и покрај изминатото време, продолжуваат да останат длабоко вкоренети во општеството.
За овие прашања, и за многу други кои директно се одразуваат на секојдневниот живот на ромската заедница, особено на жените и девојките во неа, Mollëkuqja разговараше со активистката Селва Мустафи, еден од гласовите на ромските жени кои работат на овие прашања, која со нас ја сподели својата перспектива за тоа што реално треба да се промени, и за улогата која младите Роми можат и треба да ја играат како активен дел од овие промени, а не само како нивни набљудувачи.
Кои се денес главните проблеми со кои се соочуваат Ромите во Северна Македонија и каде сметате дека дискриминацијата е сè уште најприсутна?
Иако веќе 2 год не живеам во Македонија и можеби не ги поминувам истите проблеми што сме ги имале претходно, забележително е дека Ромите се уште се соочуваат со истите проблеми од претходно како сиромаштија, ниска стапка на вработеност, дискриминација и расизам и сл, што всушност се проблеми со кои генералното население се соочува само што ромите тоа го чувствуваат 3 пати повеќе од сите други заедници како резултат на децениската отфрленост, неприфаќање, системски расизам и сл.
Сметам дека дискриминацијата е секаде присутна и за жал се зголемува - особено по институциите и по социјалните медиуми, и особено со растот на десницата и национализмот коешто си го прави своето.
Дали забележувате позитивни промени во положбата на Ромите во последните години, особено во пристапот до образование, вработување и правда?
Позитивни промени се случуваат, да имаме прогрес во високото образование на ромите и во делот на културата можеби, но не во областа на вработувањето и правдата.
И дел од промените кои се случија се благодарение на меѓународни и невладини ромски организации и мрежи кои инвестираат во зајакнување на ромското прашање преку дадените области, а многу малку е направено од страна на државата, скоро воопшто во последните години.
Колку активизмот и ангажманот на младите Роми влијаат врз промената на начинот на кој се зборува за ромската заедница и врз борбата против стереотипите?
Влијае само доколку е константно и доколку институциите почувствуваат доволно притисок преку тој активизам и застапување, па да сменат одредени политики.
Во спротивно активизмот не е борба против стереотипите кои останатите ги имаат кон нас, тоа е проблем што тие треба да го решат (неромите) бидејќи омразата и стереотипите тие ги шират, не гледам зошто дискриминираните треба да се трудат да им го сменат мислењето на расистите или оние што ги мразат останатите.
Како ромска активистка, дали сметате дека застапеноста на Ромите во институциите, правничките професии и процесите на донесување одлуки се зголемува? Каква промена носи тоа?
Мислам дека во моментов стагнира во нашата држава застапеноста, а пред неколку години имаше голем раст. Знам дека има позитивни примери за државите во регионот.
Во однос на процесот на донесување одлуки, можеби да, во Македонија имаме 21 ромски советника во неколку општини и тие, како ромска политичка репрезентација, можат да учествуваат и менуваат одлуки од позиција на советник.
Граѓанскиот сектор беше исто така доста вклучен и ден денес е во различни тела, со различни институции кои овозможуваат нашиот глас да е слушнат, но не сум сигурна дали секогаш е земен предвид.
Што би требало да се промени во општеството и во институциите за Ромите да не се гледаат само низ призмата на проблемите и дискриминацијата, туку и преку нивниот потенцијал, успех и придонес?
Демократијата да се подобри пред се и демократските процеси. Се додека државните политики, владеењето на правото не се подобрат проблемите ќе растат не само кон ромите туку кон сите граѓани.
На ромите треба да им се даде поголема поддршка и можности за учество и унапредување бидејќи стартната позиција не е иста со останатите.
Од друга страна, државата треба да креира услови за подобрување на економијата, вработливоста и соживотот, за да се сторат услови за секој 1 граѓанин.
Младите секој ден се повеќе ја напуштаат државата, верувам тоа не се должи заради прекрасните услови, туку заради не гледањето на надеж дека работите може да се подобрат.
Медиумите исто така треба да работат кон менување на наративите. На народот им е преку глава од партиите и партиските лидери кои нон стоп ги има 5 пати на ден на вести. Наместо едукативни програми, учество, вработување ние гледаме раст на омраза, национализам и сл.
Најважно од се е тоа како државата организира избори и ветува подобрување. Не можеш да правиш кампањи за тоа дека ако победиш утре ќе биде подобро, а идеш во најсиромашните населби да купуваш гласови од најранливите и веднаш следниот ден да ги заборавиш, а и да немаш никаква отчетност за изборни манипулации.
Од тука почнува се. Ако немаме демократија и фер избори ние не можеме никогаш да напреднеме.



