Хомофобичен говор на социјалните мрежи, дискриминација при вработување и несоодветна примена на законите, ова се само дел од предизвиците со кои секојдневно се соочуваат членовите на LGBTI+ заедницата во Северна Македонија. Податоците покажуваат дека проблемот е особено присутен во онлајн просторот, додека институциите сè уште немаат соодветен одговор на случаите.
Платформата„Говор на омраза"покажува дека проблемот продолжува и во 2026 година, со 15 регистрирани случаи заклучно со јуни, меѓу кои и случаи поврзани со најавата за Прајд парадата. Само во 2025 година беа евидентирани 76 случаи на говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, а од 2012 година вкупниот број изнесува 1.066 случаи.
Од друга страна, податоците на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) покажуваат дека во текот на 2025 година биле обработени вкупно 559 предмети за заштита од дискриминација. Кај 10% од пријавите како основа беше наведен полот, а кај 8% - родовиот идентитет. Од вкупно 559 предмети, во 56 случаи Комисијата констатирала дискриминација.
Во текот на истата година, до КСЗД пристигнале 35 пријави врз основа на пол и три пријави врз основа на родов идентитет. Жените најчесто пријавувале дискриминација врз основа на пол и родов идентитет.
Комисијата констатирала и директна дискриминација врз основа на пол и родов идентитет во областа на пристапот до вработување, што покажува дека дискриминацијата не се ограничува само на јавниот и онлајн просторот, туку ги засега и правата на пазарот на трудот.
Говорот на омраза, освен што претставува кривично дело според Кривичниот законик, е опфатен и во Законот за спречување и заштита од дискриминација, каде членот 10 од овој закон го дефинира вознемирувањето како секое несакано однесување кон лице или група, засновано на дискриминаторска основа, со цел или ефект да се наруши достоинството или да се создаде заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина.
Сепак, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација не ги третира овие случаи преку кривична постапка. Нејзините одлуки и препораки, иако значајни, не се правно обврзувачки. Доколку сторителот не постапи по препораката, може да се поведе прекршочна постапка.
КСЗД во суд како „пријател на судот"
Во текот на 2025 година, КСЗД ги искористила своите овластувања и преку учество во судски постапки како „amicus curiae", односно пријател на судот. Комисијата поднела три барања до Основниот граѓански суд Скопје по предмети поврзани со дискриминација врз основа на политичка припадност, сексуална ориентација, родов идентитет и припадност на маргинализирана група. Едно од нив се однесува на случајот на Здружението Queer Center Скопје.
На овој начин, индивидуалните случаи на дискриминација кон LGBT+ заедницата добиваат и судска димензија, иако активистите продолжуваат да предупредуваат за јазот меѓу заштитата предвидена со закон и нејзината примена.
Законите постојат, но не се применуваат
Законската рамка во Северна Македонија која ја третира дискриминацијата и злосторствата од омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет е во голема мера усогласена со европските стандарди. Сепак, проблемот останува нејзината примена во практика.
Лила Милиќ, активистка за правата на LGBT+ заедницата, ја гледа институционалната примена како еден од главните проблеми.
"Случаите на говор на омраза и насилство често не се соодветно препознаваат и процесираат од страна на институциите." вели таа.
Таа посочува дека постои и сериозен јаз меѓу постојната законска рамка и нејзината примена во практика.
"Проблемот не е само во законите, туку и во недостигот од политичка волја, институционални капацитети и проактивен пристап", рече Милиќ.
Говор на омраза претежно на социјалните мрежи
Според Хелсиншкиот комитет, најголемиот дел од случаите на говор на омраза и вознемирувачки говор се случуваат на социјалните мрежи, најчесто преку коментари и објави на лични профили.
"Само преку платформите за документирање беа регистрирани 230 пријавени случаи на говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Најголемиот дел од случаите се случиле на социјалните мрежи, каде што беше забележано изразено ширење на хомофобичен и трансфобичен говор", нагласува извештајот на Хелсиншкиот комитет за минатата година.
Овие бројки доаѓаат од различни механизми за документирање, поради што не се директно споредливи со 76-те случаи евидентирани од платформата „Говор на омраза". Сепак, двата податоци укажуваат на постојан проблем со говорот на омраза кон LGBT+ лицата.
Македонија на дното на Европа по прашањето на правата на LGBT+
Проблемите со дискриминацијата, говорот на омраза и примената на правата се одразуваат и во меѓународните оценки. Според ILGA-EuropeСеверна Македонија е меѓу земјите со најниски резултати во Европа во однос на правната и политичката положба на LGBT+ лицата. Во нивниот извештај, земјата освои 29,26% и е рангирана на 31. место од 49 држави. Оценувањето опфаќа области како еднаквост и недискриминација, говор на омраза, правно признавање на родот и просторот за граѓанското општество.
Овие проблеми се нагласени и во различни меѓународни извештаи, кои им упатија повик на домашните институции да реагираат.
This publication was produced within the framework of the project Queer and Present: Media, Rights and Safety for LGBTIQ+ persons in Pollog, which is implemented as part of the broader regional project Together for LGBTQI+ Equality, implemented by the Centre for Civic Education (CCE) in partnership with ERA – LGBTI Equal Rights Association for the Western Balkans and Turkey, Queer Montenegro, Queer Center Skopje, Tuzla Open Center, Open Mind Spectrum Albania (OMSA), and the Center for Social Group Development from Kosovo. The programme is funded by the European Union.

The contents of this publication are the sole responsibility of the Center for Equal Opportunities “Mollekuqja” and do not necessarily reflect the views of the European Union, CCE, or the project partners.



