Во Северна Македонија, политиката не влијае само на начинот на кој се управува државата, туку и на начинот на кој различните заедници ги перцепираат и градат меѓусебните односи. Етничката припадност продолжува да биде присутна во политичкиот дискурс, во натпреварот меѓу партиите и во начинот на кој се толкуваат институционалните одлуки, додека идентитетската реторика честопати може да ги продлабочи поделбите наместо да ги надмине.
Ова станува особено видливо кај младите, кои покрај влијанието на семејството, училиштето и средината во која живеат, се соочуваат и со говор на омраза и поларизација во дигиталниот простор.
Но, дали политичките партии се само дел од проблемот, или можат да се претворат и во фактор на приближување на заедниците? Колку простор создаваат институциите за контакт и соработка меѓу младите, и што треба да се промени за соживотот да не остане само политички концепт?
За овие прашања и за влијанието на политиката врз меѓуетничките односи, разговаравме со политикологот Наим Иљази,, кој смета дека патот кон поповрзано општество бара функционални институции, медиумска писменост и трансформација на политичкиот јазик. Зошто Северна Македонија да не го следи и примерот на Белгија?
Колку влијае политиката врз начинот на кој заедниците во Северна Македонија гледаат една на друга?
За да се разбере колку и како институционалните случувања ги обликуваат меѓусебните етнички перцепции, најпрво треба да се анализира како партиските фактори ги инструментализираат идентитетските наративи во Република Северна Македонија. За да имаме појасна слика, неопходно е да направиме ретроспектива во 2001 година, кога од академските кругови во Македонија беше пуштен во оптек предлог за територијално преконфигурирање на земјата, кој предвидуваше поделба на Македонија и обединување на одредени подрачја со Албанија и Косово.
Во практиката на дипломатските преговори, секој почетен предлог служи како појдовна точка за разгледување, каде другата страна поднесува свои противпредлози, со цел преку взаемни отстапки да се дојде до избалансиран компромис. Меѓутоа, послевоените околности во регионот го правеа овој сценарио исклучително ризичен. Документите од тоа време и податоците објавени од различни платформи покажаа дека одредени соседни земји имаа територијални претензии кон Македонија.
Спроведувањето на ваква идеја за територијална поделба ќе предизвикаше синџир на реакции, ставајќи го на коцка самото постоење на македонската држава. Албанскиот политички фактор одби да се вклучи во оваа динамика која водеше кон распад. Преку прагматичен пристап и институционална одговорност, беше избегната логиката на нови конфликти и се тргна кон внатрешно политичко решение. Овој процес резултираше со потпишување на Охридскиот договор, кој се претвори во правна и политичка основа за зачувување на територијалното единство на современа Македонија.
Од оваа ретроспектива разбираме дека денес влијанието на политиката врз односите меѓу заедниците е суштинско, бидејќи Северна Македонија останува општество структурирано според консоцијативен модел (што значи дека етницитетот е уставна основа во градењето на државата), каде етницитетот е главната организациска категорија на политичкиот живот, уште од Охридскиот договор.
Ова значи дека секои избори, секоја владина коалиција и секоја политичка криза автоматски се толкуваат преку призмата на односите меѓу заедниците. Несомнено, ова создава она што се нарекува политизиран идентитет, каде етничката припадност не останува само приватна културна карактеристика, туку станува категорија преку која луѓето го читаат секојдневието, буџетот, вработувањето во јавниот сектор, па дури и локалната инфраструктура, како инструмент против дискриминација и доминација на заедниците.
Дали политичките партии ги продлабочуваат етничките поделби, или можат да бидат и фактор на обединување?
Двете страни на медалот се користат како механизми од страна на политичките субјекти, а разликата лежи во логиката на конкуренцијата и комплексите внатре во самите етнички состави. Кога партиите на истата заедница се натпреваруваат меѓу себе за тоа која е попатриотска во одбраната на етничките интереси, влегуваме во она што ние во политикологијата го нарекуваме „етничко надддавање" (ethnic outbidding), кое се јавува како спирала во која секој актер се обидува да го надмине другиот во идентитетска реторика, бидејќи тоа го олеснува електоралното доминирање, наспроти конкуренцијата преку социо-економски програми, кои би го унапредиле развојот на земјата.
И кога ова политичко општество со конзервативна патологија ги троши внатрешните реторики во меѓуетничките односи, тогаш, за да продолжат јаловите дебати, ги создава своите чудовишта, и во регионот, и пошироко. Но сепак, иако граѓаните можат да бидат полесно мобилизирани на емоционално ниво, организираните политички структури остануваат многу поповрзани и похомогени одвнатре отколку граѓанската маса. Сепак, кај самите граѓани сè уште недостасува овој рефлекс наспроти политичката организираност, кој би послужил како инструмент за зголемување на довербата меѓу заедниците.
Дали новата генерација е помалку оптоварена со политичките етнички поделби, или сè уште е под влијание на партискиот дискурс и средината во која живее?
Новата генерација покажува тенденција, односно поместување на насилството од физичко кон вербално и дигитално. Можеби поради недостатокот на дигитална хигиена, вербалното и дигиталното насилство остануваат едни од најголемите предизвици, како за владата, така и за самите граѓани. Најчесто, говорот на омраза честопати се злоупотребува инструментално за етничка и политичка поделба, и несомнено од овој дискурс имаат корист политичките субјекти.
Овој динамичен пристап открива изразен институционален и образовен вакуум, каде недостатокот на медиумска писменост и јавна свест остава простор за манипулација на јавното мислење, особено на новата генерација. Новата генерација не се раѓа со непријателство, туку расте во институционални канали кои го одржуваат меѓуетничкиот контакт минимален сè до полнолетство.
Колку институциите и државните политики влијаат врз создавањето простори каде младите од различни заедници можат да се зближат?
Неуспехот во спроведувањето на Законот за младинско учество и младински политики, особено на ниво на локалната самоуправа, и надминувањето на секој законски рок, директно се одразуваат во недостатокот на простори каде младите од различни заедници можат да се зближат и да градат мостови на комуникација.
Во општество кое е територијално и политички сегрегирано, меѓуетничкиот контакт никогаш не се случува сам по себе, без активна институционална интервенција. Хипотезата за меѓугрупен контакт на Гордон Олпорт јасно објаснува дека интеракцијата меѓу заедниците ги намалува предрасудите само под специфични услови, како кога младите делат еднаков статус, кога постојат заеднички цели, кога соработката го зазема местото на конкуренцијата, и кога целиот процес ужива институционална поддршка.
Оваа теоретска рамка ја истакнува апсолутната неопходност од спроведување на законот, претворајќи го во функционален инструмент за социјална интеграција околу „сопствената оска" најнапред, а дури потоа може да се стремиме кон европска интеграција.
Што треба да се промени во политиката за да соживотот не остане само слоган, туку да стане дел од секојдневието?
Овде се потребни најмалку четири суштински промени. Прво, политиката треба да го врати Охридскиот договор од формална институционална архитектура во функционална секојдневна пракса, ослободувајќи го од логиката на победник и губитник.
Второ, треба целосно да се спроведе Законот за младинско учество и младински политики, бидејќи директно го засега образованието на новата генерација, особено на локално ниво, за да меѓуетничкиот контакт меѓу младите не зависи од спонтаност, туку од потреба.
Трето, паралелно, треба да се инвестира во дигиталната хигиена и медиумската писменост на граѓаните, за говорот на омраза онлајн да не биде повеќе инструмент во рацете на политиката, туку на граѓанската свест.
Четврто, можеби и најтешкото, потребна е коренита трансформација на самиот политички јазик, и отстапување од реториката на виктимизација, доминација или закана кон другиот, кон јазик кој не се гледа како отстапка или концесија, туку како витална потреба.
Ова подразбира третирање на соживотот не едноставно како мирољубива обврска, туку како вистински и заеднички интерес за градење на државата, економски и европски интерес. Примерот на Белгија е значаен и поучен за нас, бидејќи и покрај тензиите меѓу фламанската и валонската заедница, државата останува функционална затоа што соживотот е изграден врз институционални правила и механизми на взаемна заштита на заедниците.
Ова покажува дека стабилноста не бара нужно „емоционална хармонија", туку бара институции доволно силни за да го одржат соживотот дури и кога политиката не успева.



