Венчаница не прави жена од дете

Текст по повод првиот Меѓународен ден за елиминирање на детските, раните и присилните бракови – 27 ноември 2026

Денес, на 27 ноември, светот за прв пат го одбележува Меѓународниот ден за елиминирање на детските, раните и присилните бракови. Генералното собрание на ОН го прогласи овој ден со консензус, на 4 септември 2026 година, на иницијатива на Сиера Леоне. Случајно или не, тој паѓа во рамките на 16-те дена на активизам против родово базираното насилство, и тоа не е само календарска коинциденција, бидејќи раните бракови во многу поголема мера ги погодуваат девојчињата. Бракот на дете е форма на родово базирано насилство: тој му го повредува на девојчето правото на образование и на здравје, економската независност и, пред сè, правото самото да ја избере својата иднина.

Често слушаме дека ова е проблем на „другите земји“, но бројките во нашата земја зборуваат поинаку. Според Истражувањето со повеќекратни показатели (MICS 2018–2019) на Државниот завод за статистика и УНИЦЕФ, 8 % од жените на возраст од 20 до 24 години стапиле во брак или во вонбрачна заедница пред да наполнат 18 години (споредено со 14 % во 1994 година). Падот е реален, но бавен, а просекот крие длабоки нееднаквости:

  • кај жените Ромки на возраст од 20 до 24 години, овој процент изнесува 45 %;
  • 15,5 % од жените Ромки стапиле во брак пред да наполнат 15 години, наспроти 0,3 % на национално ниво;
  • 24 % од жените од најсиромашните семејства стапиле во брак пред 18-годишна возраст, наспроти само 2 % од најбогатите семејства;
  • 29 % од жените со основно образование или без образование стапиле во брак како малолетни, наспроти помалку од 1 % од оние со високо образование;
  • 5,6 % од адолесцентките на возраст од 15 до 19 години се во брак или во вонбрачна заедница; кај девојчињата Ромки оваа бројка изнесува 22,6 %.

Овие податоци ги опфаќаат и формално склучените бракови и вонбрачните заедници, без да прават разлика меѓу нив. Институциите го гледаат само врвот на ајсбергот. Државниот завод за статистика регистрирал 118 детски бракови во 2016 година, додека локалните организации проценуваат дека вистинскиот број може да биде трипати поголем. Според податоците на Министерството за социјална политика, демографија и млади (од годишните извештаи на центрите за социјална работа), само во периодот 2021–2024 година до судовите се поднесени 278 предлози за давање дозвола за склучување брак на малолетни лица постари од 16 години. Тука не се вбројуваат вонбрачните заедници, кои ниту се регистрираат, ниту се казнуваат доволно, а нема ни начин да се контролираат. Ова не се само статистички податоци. Зад секој процент стои девојче што го напуштило училиштето, што станало мајка пред да стане возрасно, што станало економски и правно зависно од друго семејство, а не од своето семејство, кое има морална и законска обврска кон него.

Нашиот закон дозволува она што Конвенцијата го забранува Законот за семејството, во членот 16, како правило утврдува дека не може да склучи брак лице кое не наполнило 18 години од животот. Но, во истиот член е предвиден и исклучок: надлежниот суд може, во вонпарнична постапка, да дозволи склучување на брак на лице кое наполнило 16 години од животот, ако утврди дека тоа достигнало телесна и душевна зрелост потребна за вршење на правата и должностите што настануваат во бракот, а по претходно прибавено мислење од здравствена установа и укажана стручна помош во центарот за социјална работа. Постапката за давање на оваа дозвола понатаму е уредена со Законот за вонпарнична постапка. Со други зборови, бракот на дете кај нас не е само практика што се случува надвор од законот – за него постои и законски пат.

Овој исклучок е спротивен на духот и целта на Конвенцијата на ОН за правата на детето. Според членот 1 од Конвенцијата, „дете е човечко суштество кое нема навршено осумнаесет години од животот, освен ако врз основа на законот кој се однесува на детето, полнолетноста не се добива порано.“Некој би можел да се повика токму на вториот дел од оваа одредба и да тврди дека нашето законско решение е во согласност со Конвенцијата: штом законот дозволува полнолетство пред 18 години, тогаш е дозволен и бракот на 16-годишно лице. Но, ваквото толкување не издржува. Во нашиот правен систем полнолетството се стекнува со наполнети 18 години. Пред таа возраст, малолетното лице стекнува полна деловна способност единствено со склучување брак за кој судот дал дозвола. Тоа значи дека полнолетството не е причината поради која бракот се дозволува, туку последица од самиот брак. Со други зборови, детето го прогласуваме за полнолетно со судска одлука, и тоа го правиме токму за да може да стапи во брак. На хартија тоа станува возрасно, но во реалноста останува дете, со сите потреби, ранливости и права што ги има секое дете.

Тука логиката е превртена. Конвенцијата ѝ дозволува на државата да утврди пониска возраст за стекнување полнолетство, но тогаш лицето што ја наполнило таа возраст треба да се третира како возрасно во сите сфери од животот. Кај нас е обратно: 16-годишното лице го третираме како дете насекаде: во училиште, на работа и во секоја друга сфера а полнолетно го „правиме“ само во моментот кога стапува во брак. Значи, бракот не се дозволува затоа што детето веќе е возрасно; детето „станува возрасно“ затоа што му дозволуваме да стапи во брак. Кога ваквото толкување би се прифатило, секоја држава би можела да ја избегне заштитата што ја дава Конвенцијата, едноставно со тоа што ќе пропише дека бракот го прави детето полнолетно, а членот 1 би останал мртва буква. Токму затоа Комитетот на ОН за правата на детето и Комитетот за елиминација на дискриминацијата врз жените (CEDAW), во Заедничката препорака бр. 31/18, заземаат јасен став: минималната возраст за склучување брак мора да биде 18 години, без исклучоци, и за девојчињата и за момчињата.

Во иста насока, Комитетот за правата на детето, во заклучните забелешки упатени до нашата држава во 2022 година, препорача измена на Законот за семејството со која ќе се отстранат сите исклучоци што дозволуваат брак пред 18-годишна возраст, како и преземање конкретни мерки за искоренување на оваа практика, особено во ромската заедница.

На ова се надоврзува и Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулската конвенција), која нашата држава ја има ратификувано. Со членот 37 („Присилен брак“) државите се обврзуваат да го инкриминираат присилувањето на возрасно лице или на дете да склучи брак, како и намамувањето на лице во странство со цел да биде присилено на брак. Кога станува збор за 16-годишно девојче, клучното прашање не е само дали имало сила или закана, туку дали детето воопшто може да даде слободна и целосна согласност за брак. Токму тука границата меѓу бракот „со согласност“ и присилниот брак станува многу кревка. Истото го потврдува и нашиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство (2021): тој го дефинира детето како секое лице до 18 години, а намамувањето или доведувањето во заблуда на дете за да стапи во брак или во вонбрачна заедница го дефинира како присилен брак, односно како форма на родово базирано насилство. Така, она што еден закон го нарекува насилство, друг закон го дозволува со судска одлука.

Вториот правен парадокс е уште поочигледен. Кривичниот законик, во членот 197 („Вонбрачен живот со дете“), предвидува затвор од три месеци до три години за полнолетно лице што живее во вонбрачна заедница со дете кое навршило 14, а не навршило 18 години, како и за родителот, посвоителот или старателот што тоа го дозволува или го поттикнува. Членот 196 („Овозможување да се склучи недозволен брак“), пак, го казнува службеното лице што ќе овозможи склучување брак иако знаело за законските пречки поради кои бракот е забранет или ништовен. Но, штом судот ќе даде дозвола за брак на 16-годишно лице, законската пречка поради возраста едноставно „исчезнува“ и истиот однос што како вонбрачна заедница би бил кривично дело, станува законски брак. Истото 16-годишно девојче е жртва ако живее во вонбрачна заедница, но е „доволно зрело“ ако бракот е склучен со дозвола на судот.

Граѓанските организации предупредуваат и на уште еден двоен стандард: дозволите понекогаш полесно се даваат кога барањето се образложува со „традиција и култура“. Но, традицијата никогаш не може да биде правна основа детето да се лиши од заштитата што ја ужива секое друго дете. Најдобриот интерес на детето нема етничка припадност.

Да бидеме искрени: во најголем број случаи „согласноста“ на 16-годишно девојче не е слободен избор, туку последица на сиромаштија, напуштање на училиштето, рана бременост или семеен притисок. Задачата на законот не е да ја регулира оваа реалност, туку да ја промени и да ја спречи. Наша задача, пак, е да вршиме притисок за следниве итни законски и институционални промени:

  • Бришење на исклучокот од членот 16 од Законот за семејството и утврдување на 18 години како апсолутна граница за склучување брак, без никакви исклучоци како што веќе направија значителен број европски законодавства.
  • Усогласување на Законот за семејството со Кривичниот законик, така што истото дете ќе ужива иста заштита, без оглед на тоа дали живее во брак или во вонбрачна заедница.
  • Веродостојни податоци, раздвоени според возраст, пол, етничка заедница и регион- не само за регистрираните бракови, туку и за вонбрачните заедници.
  • Превенција преку училиштето: навремено следење на случаите кога девојчињата го напуштаат школувањето и соработка меѓу училиштата, Центрите за социјална работа и полицијата.
  • Обука на судиите, јавните обвинители, полицијата и социјалните работници, за ниту една пријава за заедница со малолетно лице да не биде отфрлена како „семејна работа“ или „традиција“.

Денешниот ден не смее да остане само датум во календарот. Тој е повик да се запрашаме како општество и како правен систем: дали навистина го штитиме детето, или само ја уредуваме постапката со која тоа престанува да биде дете?

Ниту едно девојче не смее да биде присилено на брак. Секое девојче има право да биде безбедно, да учи и самото да ја избере својата иднина.

Друго