Според податоците на Фондот за здравствено осигурување околу 209 илјади жени во Северна Македонија немаат матичен гинеколог. Иако овие статистики даваат една реална слика на овој проблем, тие се однесуваат само за жените кои имаат здравствено осигурување, затоа веруваме дека оваа бројка е поголема. Најголемиот број на жени кои немаат избрано матичен гинеколог се од Скопскиот, Полошкиот и Пелагонискиот регион.
„Имам 25 години и немам матичен гинеколог затоа што мислам дека сè уште немам потреба, бидејќи не сум сексуално активна. Сеуште не чувствувам дека има потреба, затоа што не гледам потенцијален ризик за кој би ми бил потребен преглед, конкретно од гинеколог“, вели за „Молекуќја“ една девојка која нема избрано матичен гинеколог и која сака да остане анонимна.
Во разговор со „Молекуќја“ гинекологот Едита Исени и организацијата ХЕРА констатираат дека ниската свест на жените и девојчињата е главниот фактор за немање на еден матичен гинеколог. Регистрирањето на девојчињата и жените кај матичниот гинеколог им овозможува лесен и брз пристап до услуги за проблемите кои ги имаат со репродуктивното здравје. Меѓутоа, голем дел од девојките веруваат дека на гинеколог треба да се оди само кога сте сексуално активни или за време на бременост, па затоа ги избегнуваат редовните прегледи.
Comparison Table List Infographic Gantt Chart Graph by Rita Behadini
„Сведоци сме дека сè уште постои стигма за оваа тема и посетата кај гинекологот се доживува само како присуство на сексуална активност кај младите, што ни кажува дека треба да работиме на општата свест за тоа колку се важни превентивните прегледи“.
ХЕРА
Гинекологот Едита Исени за „Молекуќја“ објаснува дека има голем број на гинеколошки здравствени проблеми кои се појавуваат кај тинејџерите, како што се: синдром на полицистични јајници, акни, хирзутизам, цисти на јајниците, нарушување на менструалниот циклус, разни хормонски нарушувања. Според неа, станува збор за патологии кои мора навреме да се дијагностицираат и третираат бидејќи во иднина имаат последици врз плодноста/неплодноста и другите здравствени аспекти врз жените.
„Редовните прегледи кај матичниот гинеколог најмалку еднаш годишно и правењето на ПАП тестот и другите процедури за скрининг би овозможиле рано дијагностицирање и навремено лекување на овие патологии кои често се животозагрозувачки за жените“, нагласува Исени.
НА КОЈА ВОЗРАСТ ТРЕБА ДА ИЗБЕРЕ МАТИЧЕН ГИНЕКОЛОГ ЕДНА ДЕВОЈКА?
Право на избор на матичен гинеколог имаат лицата кои имаат здравствено осигурување, без разлика на нивното живеалиште или местото на работа. Прегледите кај матичниот гинеколог се бесплатни за осигурениците.
„Согласно подзаконските акти на Фондот, жената има право да избере матичен гинеколог од 12-годишна возраст“
Фонд за здравствено осигурување
Според организацијата ХЕРА, младите до 18 години се обврзани да го посетуваат матичниот гинеколог во придружба на родител или старател, и често тоа е и причината за одбегнување на овие посети.
Младите до 18 години често не го посетуваат гинеколог бидејќи се малолетни и имаат обврска да изберат матичен гинеколог и да го посетуваат само во придружба на родител/старател“, велат од ХЕРА.
Покрај возраста, местото на живеење на жената е еден од факторите кои влијаат на жената при нејзиниот избор на матичен гинеколог. Според податоците на ФЗОМ, Скопскиот регион доминира со бројот на жени без матичен гинеколог, односно матичен гинеколог немаат избрано 71.040 жени од овој регион. По Скопскиот следува Полошкиот регион со 33.087 жени без матичен гинеколог и Пелагонискиот со 28.574 жени.
Во Скопје нема многу добри гинеколози: добрите обично немаат слободни места или многу е тешко да се најде слободен термин. На почеток се плашев, затоа не одев, затоа што никој не ме учел дека треба да одам на гинеколог, но главната причина зошто немам матичен гинеколог е што не сум успеала да најдам некој кој е достапен и слободен“, рече една друга жена за „Молекуќја“ која се уште не избрала матичен гинеколог и која исто така сака да остане анонимна.
Според организацијата ХЕРА, матичните гинеколози се нерамномерно распределени или има недостиг, особено во руралните средини, и тоа уште повеќе го отежнува пристапот до матичниот гинеколог.
ЗОШТО Е ВАЖНО ЖЕНИТЕ ДА ИМААТ МАТИЧЕН ГИНЕКОЛОГ?
Раното дијагностицирање на многу болести може да помогне да нивно навремено лекување. Но, многу жени го губат животот токму поради нередовните прегледи и ненавременото откривање на овие болести.
Гинекологот Исени објаснува дека во тек на животот жените минуваат низ неколку фази на развој и трансформација: детство, пубертет, бременост, менопауза и постменопауза. Според неа, имајќи го предвид опсегот на промените и трансформациите кои се случуваат во овие фази и можноста за појава на патологии кои можат да го зафатат репродуктивниот систем на жената, редовните прегледи се единствениот начин на кој би можеле да се детектираат овие патологии. кои во некои случаи се и асимптоматски и манифестираат симптоми кога нивниот третман веже е невозможен.
„Непознавањето на претходната здравствена историја поради недостиг од претходни гинеколошки прегледи би го отежнало уште повеќе понатамошното лекување"
Едита Исени
Од организацијата „ХЕРА“ велат дека редовните прегледи кај гинекологот не само што можат да влијаат на навременото дијагностицирање, туку се клучни за навремено и соодветно информирање на младите за теми како што се: планирањето на семејството, соодветната грижа за време на бременоста и заштитата од сексуално преносливите болести, што од друга страна ја спречува и неплодноста во иднина, феномен кој денес е сè почест.
КАКВИ МЕРКИ ТРЕБА ДА СЕ ПРЕЗЕМААТ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА СОСТОЈБАТА?
Воведувањето на сексуалното образование во училиштата се смета како една од можностите за подигање на свеста на девојчињата и жените за нивното репродуктивно здравје. Од друга страна, клучна улога имаат и институциите, чиј ангажман може да помогне да се подобри состојбата со околу 209 илјади жени кои се без матичен гинеколог.
„Во едно општество во кое пристапот до точни информации е сè потежок, воведувањето на сеопфатното сексуално образование секако ќе придонесе за подобрување на оваа состојба. Често пати кога се соочуваат со одредена состојба со нивното репродуктивно здравје, младите се потпираат на Интернетот и на неточни информации, што може само да го комплицира проблемот“, нагласуваат од ХЕРА.
За подобрување на состојбата важно е вклучувањето на сите категории на жени во општеството: од тинејџерки до пензионерки. Според гинекологот Исени, постојат механизми за стимулирање, па дури и принудување на жените да имаат матичен лекар. Тоа го предлага следново:
- • Почнувајќи од средно училиште или од факултет, да се бара документ со кој се потврдува регистрацијата кај еден матичен гинеколог.
- • Во различни државни институции од жените и девојките да се побара документ со кој се потврдува направен годишен гинеколошки преглед.
- • Таргетирање на пензионерките и нивно поканување на гинеколошки прегледи во текот на годината.
„Девојките треба да бидат свесни дека гинеколошките здравствени проблеми се како и сите други здравствени проблеми и дека за нив треба да го посетат својот матичен гинеколог“
Едита Исени