ЖАР НА МРАЗ: НЕПОКOРЛИВИОТ И ТРИУМФАЛЕН ДУХ НА ЖЕНИТЕ ВО ЗИМСКИТЕ СПОРТOВИ

Зимските спортови се арени на вештини и елегантност, каде спортистите се лизгаат, скокаат и ги резбаат своите имиња во снегот и мразот, пишувајќи историја. Меѓутоа, низ годините за жените оваа патека не била само едно мазно лизгалиште, туку била и една тешка битка на бури на исклучување, сексизам и нееднаквост. Зад секое елегантно вртење или храбро лизгање се крие една тивка револуција, еден феминистички повик за одамна негираното ценење и почитување на жените.

Историјата на жените во зимските спортови не е само соборување на рекорди, туку и рушење на бариери. Со децении на жените им беше забранет пристапот до спортови кои се сметаа за премногу опасни или премногу захтевни за нивните „деликатни“ тела. На пример, во дисциплината на скок со скии во далечина жените немаа право да учествуваат се до Олимпијадата во 2014 година - и покрај тоа што машките спортисти се натпреваруваат во овие дисциплини уште од 1924 година.

Што покажува за општеството контрадикторниот факт дека жената може да патува во вселената, но да се смета за неприфатлива во натпреварите во ски скокови? Овој факт покажува дека вистинската пречка бил стравот од моќта на жените, а не грижата за нивната безбедност. Со настојувањето жените да се држат настрана од тркачките падини или лизгалиштата, патријархатот се обидувал да ги држи подалеку од подиумите и од вниманието.

И покрај овие пречки, жените отсекогаш наоѓале начини да го преработат сценариото. Во 1920-тите и 1930-тите, норвешката уметничка лизгачка Соња Хени го трансформираше својот спорт во уметничко дело. Хени не го освои само златниот медал, таа го претвори уметничкото лизгање во спектакл, и со тоа да направи целиот свет да се фокусира на жените на мразот. Или Линдзи Вон, која што во својата кариера во алпско скијање не само што постави нови рекорди, туку и нови стандарди во оваа дисциплина. Нејзината доминација ги привлече спонзорите и радиодифузерите да му ја дадат на женското скијање заслужената почит.

Да не ги заборавиме и огнените спортистки на женскиот хокеј. Тие со децении се соочувале со кратење на буџетот, половна опрема и минимално медиумско внимание. Но, тие продолжуваат да се појавуваат на мразот, носејќи ја својата опрема, докажувајќи дека хокејот на мраз не е „машка игра“ - тоа е игра на секого кој се осмелува да ја игра.

Медиумските извештаи често ги ограничуваат и минимизираат спортистките, фокусирајќи се на нивната облека или фризури наместо на нивната храброст и нивните вештини. Фразата „таа е толку грациозна“ е искористена за да се отфрли неверојатната моќ на скокот како што е тројното вртење (triple axle) во уметничкото лизгање.

Но, феминистките спортисти повторно го оживуваат наративот. Сноубордерката Клои Ким ја користи својата платформа за да зборува за менталното здравје, сексизмот и расизмот, докажувајќи дека нејзиниот глас е толку моќен колку што се нејзините победи на полукружната патека. Скијачката Микаела Шифрин нескромно повикува на почитување на жените во спортот, демонстрирајќи дека соборувањето рекорди е исто толку важно како и надминувањето на предрасудите.

Жените во зимските спортови продолжуваат да рушат бариери, но нивните достигнувања често се засенуваат од застарените стереотипи. Тие се ценат за нивната сила, но само ако не изгледаат заканувачки успешни. Нивната амбиција е восхитувана, но од нив се очекува секогаш да бидат насмеани и грациозни во согласност со очекувањата на општеството од нив. Честопати, нивните достигнувања се потценуваат ако не се во согласност со традиционалните норми на женственоста.

Феминизмот ги предизвикува овие очекувања поставувајќи радикално прашање: Зошто жените мора да се прилагодат за да го добијат правото да се натпреваруваат? Зимските спортови не се за тоа како изгледа една жена кога ќе ја помине целта, туку за огнот, страста и посветеноста што ви треба за да стигнете до таму.

Замислете свет во кој една млада девојка која ги гледа Олимписките игри не мора да се прашува дали женскиот хокеј е исто возбудлив како и машкиот. Каде што скијачките не мора да поднесат тужба за да добијат право на натпреварување. Каде што жените спортистки не треба да се борат двојно повеќе за да бидат платени двојно помалку.

Овој свет кон кој целиме не е некаков надреален сон, ова е феминистичко барање за урамнотежени права. Онаму каде што се дадени еднакви награди, еднакво време за емитување и еднаква почит. Во овој свет кој можеби на повеќето им звучи имагинарен, нашата цел е да ги разбиеме патријархалните структури кои се обидувале да ги тргнат жените настрана - без разлика дали се до или подалеку од мразот.

Зимата е време на трансформација кога пејзажите се покриваат со снег и мраз. Жените во зимските спортови го отелотворуваат овој дух на промена, претворајќи ги фригидните арени во простори на отпор и флуидност. Секоја зима што доаѓа тие ни докажуваат дека не се само учесници, туку пионери, не се само натпреварувачи, туку катализатори кои не носат кон револуцијата.

Така, додека навиваме за храбрите вртења, скоковите кои ни го одземаат здивот и трките што соборуваат рекорди оваа зима, ајде да ја славиме и феминистичката борба што ги доведе жените до овие ледени граници. Да им оддадеме почит на генерациите кои ги врзаа нивните лизгалки, ги намачкаа со восок нивните скии и се спротивставија на системот што им кажа дека не припаѓаат овде.

Зимските спортови не се само за брзина и сила, туку за пркос и револуција. Жените не само што соборуваат рекорди - тие го кршат мразот, а тие пукнатини одекнуваат низ целиот свет.

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго