Пратеникот Ријад Шаќири од коалицијата ВЛЕН во неговото обраќање кон пратеничката од Европскиот фронт Илире Даути употреби сексистички и денигрирачки јазик кон жените, при што се изрази на следниот начин: „Да беше маж, поинаку ќе зборувавме“. Ова се случи во Собраниската комисија за образование во Собранието, за време на расправата за амандманите за новите закони предложени од Министерството за образование и наука. Од друга страна, машките политичари не се единствените кои користат сексистички јазик. Истиот јазик го употреби и пратеничката Саранда Имери од коалицијата ВЛЕН во статус на Фејсбук, каде сакајќи да го „пофали“ вицепремиерот Изет Меџити, жените во собранието ги навика „мачки што прават врева“.
Оваа реакција на Шаќири го засилува стереотипот дека жените „не се за политика“ и дека политиката е арена во која мажите ги „мерат силите“ меѓу себе, а на жените, според нив, не им е место во оваа арена. Овој израз многу често се користи за да и се укаже на жената дека таа е послаба, понеспособна и дека и недостига потребното „оружје“ за да учествува во оваа борба. Тоа ги обесхрабрува жените и влијае врз нивната одлука да се повлечат од политиката, поради големиот притисок и сексистичкиот јазик со кој постојано се соочуваат. Сексистичките коментари на самите жени го имаат истиот ефект како и во случајот со пратеничката Имери. Ова го потврдија самите жени политичарки коиза „Молекуќја“ ги споделија своите искуства.
Сексистичкиот јазик е доста присутен меѓу политичарите. Потсетуваме дека претседателот на Алтернатива, Зеќирја Ибрахими, во август годинава употреби сексистички јазик во една негова објава во која зборуваше за Законот за употреба на јазиците, обвинувајќи ја претходната влада дека не го решила прашањето за употребата на албанскиот јазик во Северна Македонија. Тој им се обрати велејќи им „да не плачат како жени што изгубиле како мажи“. Во февруари 2023 година истата фраза беше употребена од Даим Лучи, кој во тоа време беше заменик министер за култура во Република Северна Македонија. За да го покаже своето незадоволство од партијата „Алтернатива“ тој јавно употреби сексистички јазик споделувајќи го тоа на својата официјална Фејсбук страна. Лучи им се обрати на останатите мажи од партијата и ги посоветува „да не плачат како жени“ бидејќи, според него, сопартијците не успеале да ја одбранат „како мажи“.
Сексистичкиот јазик често се користи јавно дури и од политичарките. Потсетуваме на изјавата на поранешната градоначалничка на Општина Тетово, Теута Арифи, која во февруари 2022 година во едно интервју на ТВ 21 употреби сексистички јазик кон актуелниот градоначалник на Општина Тетово, Биљал Касами.
„Како невестите кога ќе се омажат, тешко им е, не, свекрва ми не ме остава, не, не можам ова, не, не можам она. Деновите на китење завршија. Времето на Биљал Касами како млада невеста завршија. Добро би било да ја ставиш престилката и да се фатиш за работа“, изјави Теута Арифи на ТВ21.
„Молекуќја“ апелира до поединците кои се занимаваат со политика да внимаваат на јазикот што го користат, за да не се повторат веќе вакви случаи. Политичарите имаат големо влијание кај јавноста и мора да одговараат за начинот на кој се обраќаат.